Трпчески ја воодушеви публиката во лондонски „Вигмор“

„Трпчески е првокласен виртуоз“ истакнува Џесика Дахен, рецензентот на најпопуларниот британски веб-сајт за култура„Артс Деск“, подвлекувајќи во насловот дека станува збор за „македонскиот магионичар чии мирни води длабоко понираат“.

Ваквите инспиративни суперлативи следат по завчерашниот блескав рецитал во престижната лондонска сала „Вигмор“, а кој, особено по успехот на првиот, значеше негово снимање за втор компакт-диск со изведба во живо, токму за посакуваната престижна етикета на „Вигмор Хол“.

Македонскиот пијанист, кој досега десeтина пати има настапувано на оваа сцена, овој пат се претстави со дела од Брамс, Равел и Пуленк, а воодушевената публика ја награди и со две изведби на бис.

Оваа сезона на Трпчески ќе заврши следната сабота во Сонома, Калифорнија каде што со Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, ќе го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар на Чајковски.