Треба ли Македонија да се откаже од името за да стане дел од злосторничко здружување?

Ако ги тргнеме настрана кратките владеења на Александар Македонски и Цар Самоил, оттогаш, па до најнови времиња, Македонија не водела освојувачки војни, а македонскиот народ не бил окупатор. Така беше сè додека политичките елити на Република Македонија не одлучија дека сакаат да ја зачленат државата во НАТО алијансата, посочуваат од граѓанска иницијатива Македонски манифест.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Дури и без да станеме членка на овој воен сојуз, Република Македонија испрати свои војници во освојувачко окупаторските мисии на НАТО. Македонија стана окупатор на држави како Ирак и Авганистан со кои никогаш не сме имале непријателства или политички спорови.

Она што е трагично и крајно апсурдно е фактот дека Република Македонија има политички спор токму со НАТО алијансата.

И покрај тоа што ние војуваме на  нивните окупаторски фронтови за кои деновиве читаме извештаи дека се класични воени злосторства против човештвото, НАТО алијансата одбива да нè прифати за своја членка, иако вели дека сме ги исполниле сите услови за членство, само затоа што Република Грција не го признава нашето уставно име и вековен идентитет.

НАТО стои на страната на Грција. Бара од нас да си го смениме името за да нè прифати како членка. А ние учествуваме во нивните валкани војни.

Дека сами себе како држава се доведуваме во крајно бедна и мизерна положба се докажа и на последниот НАТО самит во Варшава. Повторно нè потсетија дека за нас нема место во избраното друштво додека си го носиме вековното име и идентитет. И покрај фактот што на наша страна е пресудата на меѓународниот суд во Хаг. Затоа што НАТО не ги признава судските одлуки на највисоката судска инстанца на Обединетите нации. Како што не ги почитува ни самите Обединети Нации. Ниту почитува туѓи теротории, држави и животи.

Македонски манифест го поздравува потегот на претседателот Ѓорѓе Иванов да нè учествува на самитот на НАТО, но сметаме дека крајно време е да се повлечат и други, поконкретни потези. Македонија мора да и рече збогум на алијансата. Јасно и гласно треба да кажеме дека веќе не сакаме да сме дел од окупаторска воена организација. Затоа што не сакаме еден ден и врз нас да се срушат страшните вистини од некои идни Чилкот извештаи.

Но, и заради фактот дека изгледаме како малоумни кога бараме да нè примат таму кајшто нè сакаат обезличени без идентитет.

А потоа со наведната глава мора да им се извиниме на ирачкиот и авганистанскиот народ, затоа што сме биле дел од злосторничко здужување.