четврток, 30 март 2017  |  Вести денес: 16

Трендови во телекомуникацискиот бизнис

Раздвижување на телекомуникацискиот пазар. Лајкамобajл постепено добива дел од колачот, иако учеството на овој виртуелен оператор е сè уште мало – покажуваат последните податоци на АЕК за третиот квартал од 2016 година. Македонски Телеком во изминативе неколку месеци во континуитет го зголемува својот пазарен удел во бројот на активни претплатници во мобилната телефонија, пишува Лидер.

133613315

Поврзани вести

Телеком е лидер и кога станува збор за уделот во вкупните приходи.

Расте бројот на пост-пеид корисници

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2 милиона 124 илјади 225 луѓе, за 3,66% повеќе од претходниот квартал, но и за 4,43% помалку во однос на соодветното тримесечје од претходната година. Најголемиот дел од нив, односно 1 милион 138 илјади 829 се резиденцијални при-пеид претплатници, а околу 722 илјади се резиденцијални пост-пеид корисници. Другиот дел се деловни пост-пеид корисници.

„Бројот на резиденцијални пост-пеид претплатници бележи раст од 0,53% од претходниот квартал, додека во однос на истиот квартал од претходната година се забележува раст од 1,60%“ – стои во анализата на АЕК.

Мобилните апликации „Viber“, „Messenger“, „WhatsApp“ и слични стануваат сè подоминантни, па не треба да изненадува големиот пад кај испратените СМС од 6,26% во однос на претходниот квартал или од 13,58% во однос на истото тримесечје од претходната година. Пад од 1,41% во однос на претходниот квартал и од 3,09% во однос на истиот период од 2015 година има и кај вкупно реализираниот сообраќај во минути.

Македонски Телеком е лидер на пазарот

Македонски Телеком е лидер на пазарот, и кога е во прашање уделот во вкупниот број претплатници и кога се во прашање приходите. 50,10% од корисниците на мобилна телефонија се кај Телеком, 49,53% се со ОНЕ.ВИП, а операторот Лајкамобил во овој квартал успеал да прибере 0,37% од вкупниот број активни претплатници.

Разликата меѓу Македонски Телеком и ОНЕ.ВИП не е голема, но Австријците би требало да бидат загрижени од податокот дека Телеком во последните четири квартали бележи раст од 2,03 процентни поени на уделот во вкупниот број активни претплатници во мобилната телефонија. ОНЕ.ВИП, пак, во истиот период бележи пад од 51,03% пазарен удел на 49,53%.

Во рацете на Македонски Телеком е и најголемиот дел од финансискиот колач. Овој оператор во вкупните приходи има удел од 53,68%, додека ОНЕ.ВИП е со пазарен удел од 46,31%. Лајкамобил има незначително учество од 0,01%. Пресметката е направена врз основа на збирните приходи од услуга за започнување повик, месечна претплата, пренос на податоци, терминална опрема, СМС, ММС, роаминг и други приходи.

Времетраењето на повик кај Македонски Телеком изнесува 1,70 минути по претплатник, кај ОНЕ.ВИП е 2,10 минути, а кај Лајкамобајл времетраењето на единечен повик изнесува 2,22 минути.

Уделот на операторите во количината на интернет сообраќај (2G/3G/4G) е следен: Македонски Телеком има 50,29%, ОНЕ.ВИП е со удел од 49,70%, Лајкамобајл зафаќа само 0,01%. Во делот на бројот на претплатници со пристап до интернет, Телеком има удел од 50,19%, а ОНЕ.ВИП од 49,71%. Сепак, кога е во прашање уделот на операторите според приходи остварени од активните претплатници на пристап до интернет, Телеком има пазарен удел од цели 82,19%.

Какви се финансиските резултати од работењето?

Од Македонски Телеком информираа дека вкупната нето – добивка на крајот од 2016 година изнесува 1.036 милиони денари, односно 16,8 милиони евра, за 16,6% пониска од претходната година.

„Во 2016 година речиси ги стабилизиравме приходите по неколкугодишен тренд на опаѓање и ги остваривме поставените компаниски цени. Започнавме со дигитална трансформација и го подигнавме нивото на дигитална интеракција со корисниците“ – велат од компанијата.

Пресметале дека на пазарот на фиксни говорни услуги имаат удел од 60%, приходите од говорни услуги во фиксната телефонија им се намалиле за 13,9%, бројот на IPTV корисници го зголемиле за 4,1%, уделот на пазарот на широкопојасен интернет им изнесува 48%, а во мобилниот сегмент оствариле раст од 2,3%. Во мобилниот сегмент, приходите од говорни услуги им се намалиле, а оние од неговорни услуги им се зголемиле како резултат на мобилниот интернет.

Телеком Австрија кон крајот на јануари ги објави збирните податоци за 2016 година. Вкупните приходи во Македонија им се намалиле за 2,7% (119,4 милиони евра).

„Пониските вкупни трошоци беа и повеќе од доволни да се компензира падот на вкупните приходи“ –  објаснија од Групацијата.

Заработката пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (ЕБИТДА) во Македонија изнесува 26,1 милиони евра, односно за 7,2% повеќе од лани.

На што се жалат корисниците?

Агенцијата за електронски комуникации во изминатата година решаваше по 918 спорови. Најголем дел од поплаките се за висината на сметките и за квалитетот на услугите. Најмногу спорови, односно над 20% се за говор во мобилната телефонија, 18,1% биле за мобилен интернет, а имало и поплаки за роаминг, како и за кабелска телевизија.

„Агенцијата ги решава поплаките кои во голем дел се оправдани, но има и граѓани кои се жалат неоправдано“ – вели директорот на АЕК, Сашо Димитријоски.

Најчитани вести