Спорт

На тренерската сага и дојде крај – Мичел ќе го превземе Олимпик Марсеј

На тренерската сага и дојде крај – Мичел ќе го превземе Олимпик Марсеј
Мичел ќе го превземе жешкото столче во Олимпик Марсеј

По оставката на Марсело Биелса, кој поднесе оставка уште во првото коло од шампионатот, прославениот француски клуб неколку пати се обиде да донесе звучно име на кормилото од тимот, но беше одбиван. Зинедин Зидан, Јирген Клоп и Карло Анчелоти се дел од прочуените имиња кои имаа понуда да седнат на жешкото тренерско столче во Олимпик, но сите дадоа негативен одговор.

Сепак, на тренерската сага и дојде крај, бидејќи до крајот на неделата на чело на тимот ќе застане поранешната ѕвезда и легенда на Реал Мадрид, Мичел.

Шпанскиот стратег денеска ќе допатува во Марсеј, каде ќе го стави потписот на договорот со Олимпик, а веќе вечерва би требало да го одржи и првиот тренинг со својот нов клуб.

Мичел имаше неколкумесечна тренерска пауза, откако на почетокот од годинава неочекувано беше отпуштен од Олимпијакос, иако грчкиот тим во тој момент се наоѓаше на првото место на табелата.

Во игра за испразнетото место на клупата на Олимпик до последен момент се наоѓале и Роберто Донадони и Хуанде Рамос, но изборот на челниците на клубот од Марсеј сепак паднал врз Мичел, кој ќе има тешка задача со оглед на заминувањето на клучните играчи од тимот.