Треска порибена со 5.000 парчиња пастрмка

Во организација на Град Скопје, ГЕФ (Глобален фонд за заштита на животната средина и природата), Институтот за сточарство-Одделението за рибарство и Македонската риболовна федерација, денеска  во водите на реката Треска, кај браната Матка, беа пуштени 5.000 парчиња македонска ендемична пастрмка.

Одделението за туризам, при Секторот за ЛЕР, во своите – Програми за развој на туризмот и подобрување на условите за престој на туристите на градот Скопје од  2008 до 2014 година, ја предвидува и реализира aктивноста за порибување на водите во Р. Македонија , односно водите на реката Вардар и Треска и езерото Матка.

Целта на проектот е да се овозможи заштита на македонската пастрмка и вретенарот, а со тоа и зголемување на бројноста на популацијата во течението на реката Треска, вклучувајќи ги и акумулациите Матка, Св.Петка и Козјак. Доколку ова не се направи постои реална опасност засекогаш да се изгубат овои специфични видови риба, наше природно богатство и наш симбол.

Исто така, проектот ќе придонесе за заштита на македонската пастрмка како дел од богатото природно наследство на кањонот Матка, збогатување на туристичката атракција преку развој и промовирање на висококвалитетен рекреативен и спортски риболов, подигање на свеста кај јавноста, зајакнување на улогата на туризмот и учество на заедницата во туристичките активности со цел да се воспостави економски возможен, одржлив и локално базиран еколошки туризам.

По завршувањето на активностите за оваа година се планира проектот да продолжи и идната година со порибување на водите во Р. Македонија, односно водите на реките Треска, Вардар и езерото Матка.