четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 37

Трет ден нема влез на нови мигранти на јужната граница

133068732

Последни вести

Во транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија повеќе од 72 часа нема влез на нови бегалци и мигранти.

Се очекува Управувачкиот комитет да донесе официјална одлука за затворање на нелегалниот премин на котата 59 кој од понеделникот наутро е практично затворен, бидејќи од грчка на македонска територија не е пропуштен ниту еден бегалец или мигрант.

На северната граница кај Табановце, пак, веќе неколку дена се заглавени околу 1.500 мигранти и бегалци по одлуката на Словенија, а потоа и на Хрватска и Србија да не примаат бегалци без валидни визи и пасоши.

Македонија од своја страна, како што претходно изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, сите мерки ќе ги усогласува со ЕУ и реципрочно ќе ги применува на својата јужна и северна граница.

Временските услови, исто така не се на страната на бегалците и мигрантите бидејќи, како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, најмногу дожд во Македонија 42 л/м2 во изминатото деноноќие се регистрирани во Гевгелија.

Синоќа грчкиот министер за јавен ред Никос Тоска изјави дека бегалците кои престојуваат во импровизираниот камп кај Идомени треба да прифатат дека границата меѓу Грција и Македонија е затворена за нив и дека мора да се преместат во организирани центри за прифат на мигранти.

Лидерите на ЕУ и Турција на 7 март во Брисел постигнаа договор за заедничко решавање на кризата. Тие треба до Самитот најавен за 17 март да најдат финално и трајно решение околу начелно договорените повеќе пари за Турција да го запре илегалниот прилив на бегалци, како и за тоа Турција да врати еден мигрант од Грција за секој директно преземен од нејзина територија во ЕУ.

Најчитани вести