Трет круг за избор на нов претседател на Грција

Трет круг на гласање за избор на нов претседател на Грција треба да се одржи денеска во грчкиот Парламент.

Единствен кандидат за нов шеф на грчката држава е Ставрос Димас, кој е поддржан од партиите од владејачката коалиција.

Во претходните два круга на гласање, одржани на 17 и 23 декември, Димас не го доби потребното двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 гласови, за да биде избран за претседател.

Во денешното гласање пратениците треба да се изјаснат „за“ или „против“ изборот на Димас или да бидат воздржани. За да биде избран за претседател, на Димас ќе му бидат потребни најмалку 180 гласа.

Двете партии од владејачкатта коалиција – конзервативната Нова демократија и социјалдемократското Сегрчко социјалистичко движење (ПАСОК), заедно имаат 155 пратеници и за изборот на Димас им се неопходни уште најмалку 25 гласа.

Тие се надеваат на поддршка на некои од 25-те независни членови на Парламентот или на пратениците од партијата Демократска левица (ДИМАР).

Доколку Парламентот ни по денешното гласање не избере шеф на државата, согласно грчкиот Устав, ќе следи негово распуштање и одржување предвремени избори, на кои според анкетите на јавното мислење, се очекува победа на екстремната левичарска Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА).

Паријата ветува дека ако дојде на власт ќе го преразгледа договорот со меѓународните кредитори, што може да го загрози опоравувањето на кревката грчка економија, која неодамна излезе од повеќегодишната рецесија.