Теми

Трет старт на судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро

Трет старт на судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро
Судењето за петкратното убиство кај Смиљковското езеро по третпат ќе почне од почеток

Судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро во Скопје од понеделник ќе почне од почеток по трет пат. Судењето се рестарира по апсењето на наводниот идеолог на масакрот, Сами Љута.

Љута, беше уапсен на граничниот премин „Блаце“ во август годинава подоцна јавното обвинителство подигна обвиение против него посочувајќи дека тој им бил логистика на убијците и внимавал да не наиде некој во моментот кога биле убиени четирите момчиња од Радишани Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќески и Борче Стефановски од селото Црешево.

Ова е второ враќање на судскиот процес за „Монстурм“ од почетокот. Во октомври судењето беше повторено поради промена на поротникот кој бил во роднинска врска со новоименуваниот бранител на дел обвинетите, адвокатот Ѓорги Настевски.

Како ќе се одвива новиот почеток на судењето ќе се одлучува во самата судница.

„Како се одвива судењето, ќе одлучи судскиот совет односно дали ќе се читаат претходно дадените изјави или ќе биде поинаку“, вели портпаролката на Основниот суд 1 во Скопје, судиката Весна Димишкова одговарајќи на нашето прашање како ќе тече повторното судење.

Се чека екстрадиција на првообвинетите Демири и Исмаиловиќ

И по трет пат судскиот процес ќе почне без на обвинителната клупа да седнат првообвинетите  Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, директни извршители на масакрот. Тие една година беа во бегство, кога , конечно, во март беа уапсени во стан во населбата Сани Хил во Пришитина врз основа на меѓународната потерница која во 2012 година беше распишана по нив од Основниот суд 1 во Скопје. Судот во Косово подоцна ги осуди на две односно 2,5 години затвор за нелегално поседување оружје.

Македонските власти чекаат  Демири и Исмаиловиќ да ја издржат затворската казна за да бидат екстрадирани во земјава и да им се суди за злоделата за кои се обвинети.  По нивната екстрадиција постои можност судењето повторно да биде вратено од почеток.

Како биле убиени петмината рибари ?

Иако се’ уште не е јасно зошто, јасно им е на вештаците како биле убиени овие пет невини лица, кои само сакале да рибарат.

Според специјалистот за судски вештачења, проф. д-р Билјана Јаневска, на петте жртви им е пукано одзади, а само на две однапред, во пределот на стомакот, а според лабораториската анализа на нитринтите честички, на жртвите им е пукано одблиску. Кај неколку од жртвите се смета дека е пукано додека лежеле на земја или биле клекнати на колена. Суров и кукавички начин од страна на сторителите на грозоморното убиство.

Вештачењето пред судот го презентираа експертите од Институтот за судска медицина  и Одделението  за крим техника при Министерството за внатрешни работи.

Јаневска тогаш објасни дека вештањето е направено ноќта на 13 април и дека главна цел им била да откријат која е смртоносната рана, од која позиција и растојание им било пукано и во каква положба.

Според експертите, релативна близина е од метар и половина за оружје со долга цевка и метар за оружје со кратка цевка.

Кај покојниот Цветанчо Ацевски се утврдени четири огнострелни рани. Од нив смртоносна била раната од задниот дел на вратот. Покрај телото на починатиот е откриен проектил од 9 милиметри пара. Кај него се констатирано контузии или нагмечувања на лицетото, што според судските вештаци укажува дека му било пукано додека лежел на стомак, а сторителот стол над него, накај нозете.

Филип Славковски бил убиен со огнострела рана во пределот на грбот која предзвикала оштетување на белите дробови. Според положбата на телото на покојниот е утврдено дека му е пукано додека лежел на земја. Покрај раната која го усмртила, младото момче било застрелано и во пределот на слабината и грбот.

Кире Тричковски и Александар Наќевски, за разлика од другите ги гледале лицата на своите убијците пред засекогаш да ги затворат очите, бидејќи кај нив биле констатирани прострелни рани во пределот на стомакот.  Тричковски е погоден со четири проектили, од кој едниот го погодил  во пределот на стомакот. Смртта ја предизвикал проектилот што го погодил во левата страна на грбот при што му бил разнесен ’рбетниот мозок. И нему му е пукано од близу. Наќевски бил погоден со најмногу проектили. Од осумте испукани проектили, седум се прострелни, а само една застрелна рана. Тој е погоден и од предната страна од стомакот, со што експертите претпоставуваат дека му е пукано додека тој клечел на земја, а сторителот пред него. Останатите рани покажуваат дека му било пукано одзади, додека бил во хоризонталана положба.

Последната жртва на велигденскиот масакр е убиена додека се криела зад автомобилот „фиат уно“.  Експертот по судска медицина образложи дека на телото на рибарот Борче Стефковски се констатирани четири рани од огнено оружје.  Смртоносен бил проектилот што го погодил во главата. Јаневска појасни дека на хаубата на автомобилот биле откриени траги од биолошки потекло, поточно мозочно ткиво, што посочува дека тој или се криел или стоел во близина на автомобилот.

Пет убијци и еден заштитен сведок

МВР, по големото апсење на 1-ви мај 2012 година, информираше  дека е поднесена кривична пријава против пет лица за тероризам, тројца од нив се директни извршители, Агим Исмаиловиќ (33), триесет и двегодишниот Африм Исмаиловиќ и дваесет и седумгодишниот Алил Демири, Фејзи Азири (54) и Рами Сејди (24),  а двајца помагачи.  Исмаиловиќ и Демири беа во бегство, успеале да побегнат на Косово пред полицијата да открие дека и тие дел од грозоморниот чин.

Контрадикторноста на заштитениот сведок

Хаки Азири, од заштитен сведок стана обвинет, бидејќи ја смени својата изјава во која пред истражниот судија кажа дека тој ги возел обвинетите на кобната ноќ. Со отфрлање на својството заштитен сведок и таксистот се товари за убиството на брегот на Смилковското Езеро.

Алиби на обвинетите: во џамија, на фарма, на гости

На 20-ти декември лани во Основниот суд 1 во Скопје четвроица од шестмината обвинетите за директно извршување на убиството седнаа на обвинителната клупа и се соочија со правдата.

На почетокот од судкиот процес „Монструм“, четворицата обвинети, ги дадоа своите изјави пред судот.

Сејди Рами пред судот тврдеше дека никогаш во животот не бил на местото на злосторството. Критичната ноќ, на 12 април 2012 година, како што рече Сејди Рами пред Судот, со негов муштерија од работилницата за поправка на автомобили која се наоѓала во скопското село Арачиново, биле кај железничката станица во Скопје со уште еден човек од македонска националност за да извршат размена на возилата. Потоа тројцата останале заедно на кафе до полноќ.

Првообвинетиот, Агим Исмаиловиќ пред судот кажа дека во времето кога наводно заштитетниот сведок, Е1, го видел  покрај местото на грозоморното убиство бил на молитва во „Џамијата на хероите“ во Синѓелик.  Како што вели, петпати дневно се моли  и како верник не пропушта ниту една молитва.

“Јас никогаш не сум имал брада долга 4-5 прсти како што тврди сведокот, секогаш ја бричам“, изјави Агим кој ги негираше исказите од сведокот дека на 9,10, 11 и 12 април во 18.30 часот го видел покрај местото на злосторството и го опишал како човек со долга брада.

Тој објасни дека на кобниот ден, работел на поставување канализициона мрежа во домаќинството, а вечерта, вообичаено околу 18.30 часот му почнала ноќната смена во Интернет кафето. Според зборовите на првообвинетиот, тој во Интернет кафето работел со брат му Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, обвинети за велигденскиот маскар.  Африм и Алил работеле  во Интернет кафето преку ден, додека тој со работа почнувал вечерта, па се’ до раните утрински часови следниот ден.

Фејзи Азири пред судот детално опиша како го поминал 12 април, и деновите пред тоа. Како и секој друг ден, тој се буди околу пет часот, се моли, а потоа ги зема своите браќа и заедно одат на фармата во Билимбегово. Во текот на денот тој бил на судење, а подоцна во општината Илинден на промоција за легализација на објекти, каде се сретнал со градоначалникот на општината, Жика Стојановски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.  Во текот на вечерта враќал стари парични долгови, а околу 23 часот се вратил дома и си легнал. Тој вели дека од петмината обвинети, ги познава само своите внуци, Алил Демири, внук од сестра и Хаки Азири, внук од брат. Со нив комуницирал само по потреба, кога му требало помош на фармата.

Хаки Азири во судницата рече дека на кобната ноќ во април кога беа убиени пет невини луѓе кај Смилковското езеро во Скопје бил на гости во Гази баба, а со него бил и неговиот братучед кој е обвинет и е во бегство, Алил Демири. Вели дека таму останал до следното утро. Азири рече дека само еднаш бил кај Смилковското езеро кога неговиот чичко Фејзи Азири, исто така, обвинет во „Монструм“ ја добил концесијата за нивата крај езерото.

Дали третиот старт на судскиот процес за случајот „Монструм“ кој ја потресе македонската јавност и зави пет семејства во црно и тага ќе значи и негово разрешување останува да видиме од понеделник, посебно со изјавата на Љута, идеологот на крвавиот масакр.