Трета фаза од обновата на патот Велес-Кадрифаково

Во тек на неделава ќе започне третата фаза за обнова на патот Велес-Кадрифаково. Привршуваат работите на втората фаза односно интензивно се работи на асфалтирањето на делницата кај Лозово во должина од 8,9 километри и во широчина од сегашните 6,4 на 11,1 метри.

Ова денеска го информира Љупчо Георгиевски директор на ЈП за државни патишта одговарајќи на новинарски прашања при посетата на мостот „Гемиџии“ во Велес.

За целосната реконструкција на патот Велес-Кадрифаково, кој според Георгиевски треба да заврши до крајот на следната година, ќе бидат потрошени 14,9 милиони евра буџетски средства.

Според Георгиевски, до крајот на неделава треба да започне и третата фаза од реконструкцијата на патот од Сарамзалино до Кадрифаково во должина од 10,7 километри.

– До крајот на 2015 година овој пат Велес-Кадрифаково ќе биде целосно готов. Патот со најголем број црни точки односно сообраќајни несреќи, а кој беше со широчина од 6,4 метри, прераснува во брза магистрала со четири ленти по две во двата правци и со широчина од 11,1 метри, потенцира Георгиевски.