Трета лидерска средба за надминување на политичката криза

Лидерите на четирите најголеми партии во Македонија Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Медух Тачи од ДПА денеска во Скопје ќе одржат нова средба за изнаоѓање решение за излез од политичката криза во земјата.

И на денешната трета средба која ќе се одржи во Клубот на пратениците, како и на претходните две, набљудувачи ќе бидат амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.

Состанокот пред една недела заврши без конкретен договор.

На средбата беше заклучено дека за да напредуваат преговорите треба да се утврдат принципи за преговарање, да се обезбеди рамноправност на сите страни и гаранции дека тоа што ќе се договори навистина ќе се почитува.

Во меѓувреме во Стразбур се одржа и средба на Груевски и на Заев со тројцата европратеници Ричард Ховит, Иво Вајгл, Едуард Кукан и еврокомесаорот Јоханес Хан. Искрена дискусија и продолжување на средбите, стоеше во кусото соопштение по 10-часовните маратонски разговори меѓу делегациите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Во изјава за Словенечкото радио европскиот известувач за Македонија Иво Вајгл изјави дека бил потпишан нон пејпер за натамошни разговори.

фото: МИА