Трета ноќ со ред судири на демонстрантите и полицијата во Хамбург

Во неделата рано утрото, трета ноќ со ред, на улиците на северниот германски град Хамбург продолжија безредијата и протестите и по завршувањето на самитот на Г-20, а полицијата и натаму ги приведува нарушителите на мирот и безбедноста.

По завршувањето на самитот на Г-20 во саботата, демонстрантите се собраа во квартот Шванценвиертел, локално упориште на радикалната левица каде што од четвртокот во повеќе наврати се судрија со полицијата.

Таму поставија препреки и подметнуваа пожари во автомобили, додека полицијата ги растеруваше со солзавец и водени топови.

Меѓу демонстрантите, но и меѓу полицајците има повредени, пренесуваат агенциите.

Според последните податоци на германската полиција, објавени во саботата вечерта, во протестите од четвртокот повредени се 213 полицајци, а приведени се 290 нарушители а 144 се притворени. Бројот на повредените демонстранти сѐ уште не е познат.

На завршната прес-конференција, германската канцеларка Ангела Меркел остро ги осуду протестите.

Организаторите на протестите тврдат дека во саботата во центарот на Хамбург се собрале дури 76.000 демонстранти под мотото „Солидарноста без граници наместо Г20!“, а полицијата проценува дека ги имало 50.000 противници на глобализмот, анархисти и припадници на радикалните леви движења.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.