Трезористот се согласил да биде осуден, но не кажува каде се украдените пари од НЛБ Банка

Kако што дознава „Дневник“, бранителот на трезористот, адвокатот Љупчо Шврговски веќе контактирал со обвинителството во врска со предлогот на осомничениот.

Од Основното јавно обвинителството ниту ја потврдиле, ниту ја демантирале информацијата.

„Дневник“ исто така пред десетина дена побарал одговор од Обвинителството дали за кражбата на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ е откриено каде се украдените пари, односно дали е побарана помош и информации од надлежните институции од други држави.

– Истрагата за кражбата продолжува. Основното јавно обвинителсвто ги презема потребните дејствија за расветлување на настанот. Јавноста ќе биде известена за деталите кога ќе се создадат услови во согласност текот на постапката – гласи одговорот на Обвинителството за двете прашања.

Според пишувањето на „Дневник“, адвокатот Шврговски не одговарал на телефонските повици и писмени пораки.

Бобан С., кој е во триесетдневен притвор во затворот во Шутка, се согласил да биде осуден, но не и да каже каде се украдените 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, а за која кражба дополнително беа осомничени неговиот брат Горан С.(44), неговиот пријател Борис М.(38) од Скопје како и Е.П.(24), вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ. Нема информации дали и тие како и Бобан С. за кој се смета дека ја осмислил кражбата, побарале да се спогодат со обвинителството. Во притвор се Горан С. и Б.М., а осомничената службеничка и натаму е во куќен притвор.

Скандалите во НЛБ банка почнаа на почетокот на минатиот месец кога МВР обелодени дека трезорист извршил милионска кражба од главниот трезор на банката. Само што спласнаа овие информации по притворањето на групата, неколку недели подоцна обвинителството обелодени уште една поголема скандалозна финансиска малверзација во банката. Обвинителството отворило предмет за перење пари, во кое се замешани поранешен и актуелен директор на банката, поранешен министер, адвокати, нотар како и државјанин на Словенија. Притоа не е прецизирано за колкав износ е оштетена банката, како ни тоа дали овие два случаја се поврзани, односно дали двете групи делувале одделно.

– За да се утврди фактичката состојба и да се обезбедат докази, Обвинителството во соработка со МВР издаде наредби за анализи на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финасиска и управна природа – кусо соопштија од обвинителството.

Тоа што е познато за овој случај е дека за обвинителството постојат сознанија оти во периодот од 2006 до 2017 година осомничените основале фирми, подигале кредити кои биле заверувани кај една позната скопска нотарка, а потоа со помош на неколкумина адвокати, кои биле советници на директорот и министерот, парите биле префрлани во Словенија и во неколку австриски фирми. Откако парите ќе легнеле на странските сметки, дел од нив повторно бил враќан во државава и се купувале недвижни имоти на подрачјето на Битола.

Целиот текст прочитајте го на „Дневник

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.