Тргнале на веридба, завршија во болница – Нови детали за страшната сообраќајка кај Охрид

Трите повредени лица во сообраќајната несреќа која утринава се случи на на магистралниот пат Охрид-Кичево, на потегот помеѓу селата Мешеишта и Требеништа, како што неофицијално дознава Курир оделе на веридба.

Според нашите информации, повредените се мајка и ќерка на возраст од околу 70 и 50 години, како и 68 годишен маж нивен сопруг и татко.

Информациите до кои неофицијално дојдовме, говорат дека помладата жена барала да не бидат задржани во болницата, бидејќи како што рекла морале да стигнат на веридбата на нејзината ќерка. Повредените се наоѓаат надвор од животна опасност, но се задржани во болница и се под надзор на лекарските екипи.

Од СВР Охрид денес соопштија дека во тешката сообраќајната незгода учествувале две патнички возила-џип: „Порше“ со дипломатски ознаки и „Крајслер“ со американски национални ознаки како и едно товарно моторно возило марка „Ивеко“ со македонски национални ознаки.

Двете патнички моторни возила, по магистралниот пат се движелe во правец од Охрид кон Кичево додека товарното возило „Ивеко“ сообраќало во обратен правец односно од Кичево кон Охрид.

Полицијата ги утврдува причините за несреќата, односно дали истата е случена во момент на претекнување на возилото-џип  „Крајслер“ во кој се наоѓале трите тешко повредени лица над возилото „Порше“.