Тргнува ли Тевдовски во војна со Анѓушев?

Министерството за финансии дало негативно мислење за одлуката на Владата за укинивање на царината за електричните литиум јонски акумулатори што кај нас ги користи само фирмата „Брако“, што е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев, објави 24 вести, на својот интернет портал.

Владината одлука, предизвика реакции во јавноста, и беше толкувана како наменска, која ќе послужи единствено за задоволување на бизнис-потребите на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Од царинските давачки за овие акумулатори, според одлуката на Владата, треба да бидат ослободени само производителите на машини и други производители кои користат вакви батерии, а не и трговци кои би ги препродавале.

Според документот од Министерството за финансии, до кој дошле „24 вести“, се појаснува дека негативното изјаснување е поради недоставени одредени пропишани податоци, но и дека не е било јасно нагласено кој од условите за воведување на предложената мерка е исполнет.

Според Владата, нејзината одлука била само условна, поради потребата да се усогласат министерство за економија и министерството за финансии.

Владата на РМ условно ја донесе одлуката за укинување на увозната давачка царинска стапка за електрични акумулатори литиум – јонски поради потребата да се усогласат министерство за економија и министерството за финансии, информирале од Владата.

Од министерството за економија, пак, велат дека веќе работат на усогласувањето и дека предлогот е вратен во министерството за финансии за повторно мислење, а новиот предлог текст на одлуката е доставен до министерството за финансии повторно за добивање на мислење.

Согласно процедурата Министерството за економија треба да се усогласи со Министерството за финансии. Министерството за економија оцени дека ваквата предлог мерка е оправдана со оглед дека истата се однесува за стока која не се произведува во земјата, стока која има многу повисока царинска стапка во однос на царинската стапка во земјите членки на ЕУ, како и стока која не и штети на конкурентноста на домашната индустрија туку напротив ќе ја зголеми конкурентноста и ќе овозможи привлекување на странски инвестиции во оваа област, пишува „24 вести“

Во дописот кој е испратен до финансии е посочено дека барањето за ваквата одлука е изготвена по доставен допис од сопственикот на полските компании ПОЛ-МОТ Холдинг и претседател на полско-балканската комора Анжеј Зарајчик, до вицепремиерот Кочо Анѓуев.