Трговец со дрога го убил македонецот Гашовски во Австралија

Трговец со дрога, дел од организирана криминална група, е осомничен дека го егзекутирал Македонецот Џон Гашовски (48) во Австралија во јуни лани. Ова го откри австралиската полиција по безмалку една година откако се случи бруталното убиство.

Иако досега имаше разни шпекулации зошто тој бил убиен, особено поради начинот на кој бил ликвидиран – со еден куршум во тилот, полицијата сега открива нови детали што досега не се објавени. Наводно Гашовски сам се вплеткал во криминал, односно сам остварил контакт со организирана криминална банда, сакајќи да купи дрога, но и опрема за преработка на наркотици.

За овој случај детективи од Одделот за организиран криминал запреле автомобил во местото Вага Вага и го привеле 46-годишниот Глен Роланд Дунстал, осомничен за ликвидацијата на Гашовски.

Австралиецот од македонско потекло Џон Гашовски беше пронајден мртов на 15 јуни 2014 година, кај местото Џамберу, кај Волонгонг. Тој на 9 јуни пиел во локален паб во Сиднеј со свои пријатели, кога им рекол дека планира да замине за Kанбера.
Му предложиле да појдат со него, но тој заминал сам. Вечерта наводно и` се јавил на сопругата и и` рекол оти стигнал во Kанбера и дека ќе се врати наредниот ден.

Инспектори од полицијата во Илавара не знаат дали тој воопшто бил таму или цело време бил во околината на Илавара. Откако семејството го изгубило контактот со него на 12 јуни, почнала полициска потрага. Неговото тело беше пронајдено три дена подоцна. Инаку чувар во парк го пронашол телото на Гашовски во Национален парк во планината Џамберу лани на 15 јуни. Гашовски имал една прострелна рана на тилот од главата. Тој бил целосно облечен и немало обиди да се скрие неговото тело во шумата.

Полицијата неколкупати се враќала и на местото каде што било пронајдено телото за да проверат дали евентуално пропуштиле некои докази, бидејќи неколку месеци истрагата тапкаше во место. Полицијата тогаш обелодени дека Гашовски бил егзекутиран со еден куршум во главата. Сепак истражните органи долго не откриваа детали, а уште тогаш се претпоставуваше дека според начинот на кој бил ликвидиран, бил можна цел на подземјето во Австралија и тоа на локалната наркомафија. Гашовски бил бизнисмен од Арнклиф, Сиднеј, кој немал криминално досие.

Инаку едно од четирите деца на Гашовски го видело последен пат попладнето на 9 јуни лани. Бидејќи немаа докази кој и зошто го убил Гашовски по неколку месеци полицијата преку неговото семејство се обрати до јавноста за помош.

Болката што ја чувствуваме по смртта на Џон не може да се опише со зборови. Сакаме одговорните за убиството да бидат пронајдени и осудени за ниту едно друго семејство да не ја доживее повторно оваа болка, со која живееме секој ден – рече сопругата, пренесува „Дневник“.

И полицајците признаа дека истрагата дошла до ќор-сокак.

По секое убиство прво го анализираме минатото на жртвата, а тоа го сторивме и во овој случај. Сепак се обраќаме до јавноста, бидејќи немаме информации зошто бил убиен – рекоа тогаш полициските инспектори.

ТРЕБАЛО ДА ТРАНСПОРТИРА КАНАБИС

Сега според тврдењето на полицијата тој наводно сакал да купи опрема со која се преработува дрога, а наводно сакал да транспортира и одредена количина канабис од Kанбера до Сиднеј.

Детективот Скот Kук од Одделот за организиран криминал за медиумите изјавил дека смртта на Гашовски е доказ оти ризикот е огромен за секој што сака да се вклучи во организиран криминал.

Секој што на кој било начин ќе биде инволвиран во организирани криминални мрежи може да предизвика
сериозни последици, не само за себе туку и за семејството и за пошироката средина – рекол детективот.