Трговски дефицит од 1,9 милијарди долари за 10 месеци

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во овој период, изнесува три милијарди 475 милиони 799 илјади долари, а на увозот пет милијарди 387 милиони 787 илјади долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,5 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и рудите на никел и нивните концентрати.

Во периодот јануари-октомври оваа година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 72,5 отсто и земјите од Западен Балкан со 18,2 отсто, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 62,2 отсто и Останати земји, на друго место неспомнати со 11,7 отсто.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Велика Британија и Италија односно 49,8 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.