Трговскиот центар Capitol Mall & Residence утре и свечено ќе биде отворен

Трговскиот центар Capitol Mall & Residence, свечено ќе биде отворен утре, во 12 часот. На свеченото отворање ќе присуствуваат претставници на државната власт, на локалната самоуправа, на дипломатскиот кор, на домашната и меѓународната бизнис заедница, на медиумите, како и сите заинтересирани граѓани.

Лоциран во срцето на Скопје, во населбата Аеродром, Capitol Mall & Residence се простира на вкупна изградена површина од 33.500 метри квадратни. Од нив, 12.500 се наменети за шопинг центарот сместен на првите четири нивоа, а 6.000 се одвоени за резиденцијалниот – станбениот дел на горните четири катови. Паркинг просторот е на три нивоа под земја, со вкупна површина од 15.000 метри квадратни.

Шопинг центарот Capitol Mall е составен од 62 локала, со модерни бутици од познати интернационални, регионални и локални брендови, ресторан и фаст фуд дел,  детски центар и места за забава за посетителите од сите возрасти.

Инвестицијата за Capitol Mall & Residence изнесува 30 милиони евра. Тоа е македонска инвестиција, на инвеститорот Сити Плаза ДОО Скопје, поддржана од домашните банки. На изградбата на објектот беа вработени над 250  работници, од преку 50 компании (изведувачи и подизведувачи), повеќето од земјава и неколку од странство. Со отворањето на Capitol Mall & Residence, воедно, се отвораат и преку 500 нови работни места од повеќе индустрии.