Три автобуси на ЈСП и постојка демолирани по мечот Србија – Албанија

Три автобуси на ЈСП, од кои два двокатни  и една автобуска постојка спроти основното училиште „Тефејуз“, се оштетени вчеравечер непосредно по фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Албанија и Србија на стадионот ЈНА во Белград. Постојката е целосно демолирана, на двата двокатни со број 57 во општина Чаир, искршени им се сите стакла, а на автобусот со број 56 во општина Сарај, покрај стаклата , уништен му е и инвентарот. Четирите одделни настани се случиле помеѓу 22 и 23  часот синоќа. За среќа нема повредени патници

„Нанесена е огромна штета на јавното сообраќајно претпријатие, и затоа апелираме да не се уништуваат автобусите и инвентарот, затоа што ние не сме виновни за ниеден пробем што постои. Ги повикуваме граѓаните на ненасилство и да помогнат во осветлување на настаните, како и придонесат да го заштитиме нашиот имот. Заедно со МВР, реагираме да се пронајдат сторителите на овие инциденти и да бидат законски санкционирани“, вели директорот на ЈСП, Мишо Николов.

Стаклата на постојката се со дебелина од 10 милиметри и не се лесно кршливи, а според Николов, тој што ги скршил, тоа морал да го направи со чекан или некој друг алат. Се’ уште нема пресметка колкава материјална штета е направена, но со оглед на тоа што едно стако на автобуската постојка чини 100 евра, а автобуските стакла се уште поскапи, може да се каже дека станува збор за сериозни трошоци.

Нередите започнале по инцидентот за време на мечот кога дрон со знаме на Голема Албанија се вирееше над стадионот во Белград и испровоцира инцидент помеѓу фудбалерите, во кој подоцна се вмешаа и навивачите.

Во Струга и Тетово пак група албански навивачи се собраа и прославуваа.

jsp