Tри бебиња умреле на гинекологија

Мајка од тетовското село Доброште остана без своите три бебиња,  а по два дена молк од министерот за здравство Арбен Таравари и директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска, Министерството за здравство во средата соопшти дека пред два дена починале три бебиња.

Пациентката И.М. била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство поради болки во абдоменот. Истиот ден е породена со царски рез во 27-та недела од бременоста со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород, веднаш е извршено породување.

Новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала. Спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија, пишува порталот Курир.мк

Со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано, со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.

Министерството за здравство веднаш по добивање на информациите формираше комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази. Истовремено комисија е формирана и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.