Три дена до изборите во Грција: Европа одбројува – за Македонија ништо ново

Грците одбројуваат, а со нив Европската Унија. Уште само три дена до парламентарните избори во Грција водството и натаму и припаѓа на опозициската Сириза. Евентуалното застанување на лидерот Алексис Ципрас на чело на земјата се очекува да донесе големи промени, не само во Грција туку и на ниво на Европа.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, од досега кажаното, една од ретките сфери каде што не се очекуваат суштински промени е проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име.

Далеку понационалистичката реторика на владата на Самарас сепак ја дели истата суштина со изјавите што доаѓаат од Сириза. Сложено име со географска одредница за вкупна употреба, бараат и од Сириза, нагласувајќи дека не е прифатливо решението да се користи само во билатералните односи меѓу Македонија и Грција.

Ова го изјави кандидатот за пратеник на Сириза од Атина, Надија Валавани, обвинувајќи дека во Македонија наводно имало пораст на иредентизмот.

– Генерално, националистичките страсти кои што повторно заживеаја на Балканот, се трн кој што доколку не се лекува на време со ефективни билатерални и мултилатерлани иницијативи, се заканува да ја поткопа секоја стабилност и можност за решавање на отворените билатерални прашања не само за Грција, туку и за сите земји во регионот, без исклучок, рече кандидатката на Сириза во интервју за И-ефимерида.

Таа ја критикуваше и иницијативата на Германија за Конференцијата на западен Балкан, која се одржа минатата есен во Берлин, коментирајќи дека тоа било заобиколување на институциите на ЕУ кое што не помагало за подобрување на односите меѓу земјите во регионот, особено во услови кога Германија се вклучувала “во меѓународни прашања, како што е името на Скопје”.

На тема Македонија од Солун се огласи и лидерот на Неа Димократиа Антонис Самарас, кој што и овој пат се чини го заобиколи одговорот на долго поставуваното прашање – дали за него сега, за разлика од порано, прифатливо е решението воопшто да го содржи терминот Македонија.

– Знаете дека Солун е моето срце, дека Македонија е мојата душа. Македонија е вечен бастион на Грција. Од овде, од земјата на Вергина, од земјата на Амфиполис, говори минатото на Македонија, гласот на историјата, гласот на нашата совест, рече Самарас од митинг во солун нагласувајќи дека Македонија била иднината на земјата и на економијата.

Нема разлика ниту меѓу ставовите на Ципрас и Самрас кога станува збор за непочитувањето на правата на македонското малцинство. Обајцата се едногласни во негирањето на неговото постоење. Јоргос Пападакис, директор за комуникации на европската партија ЕФА и член на Виножито, е дециден дека евентуалната промена на власта во Грција нема да донесе ништо ново во однос на Македонија.

–   Нема да има никаква промена, барем не суштинска во однос на Македонија. Сириза е во иста линија со останатите и кога станува збор за името, и за македонското малцинство. Иако сакам да се надевам на промени кон подобро барем во билатералните односи, искрено не верувам ни во тоа, вели Пападакис за Нетпрес.

Антонис Самарас на чело на Грција застана во јуни, 2012 та формирајќи коалиција со ПАСОК и Демократската Левица. Алексис Ципрас е лидер на Сириза од 2009 та година. На изборите в недела за иднината на земјата ќе решаваат близу 10 милиони гласачи.