Три епизоди од ТВ-серијата „12 Мајмуни“ снимени во Македонија

Делови од три епизоди од научнофантастичната ТВ-серија „12 Мајмуни“ (12 Monkeys) се снимени во Македонија. Серијата е базирана на истоимениот филм-блокбастер од 1995 година.

По епизодата „Keys” (прва од трите епизоди на „12 Мајмуни“ снимени во Македонија), која беше емитувана на 27 февруари, денеска  ќе биде прикажана „Yesterday“, а на 13 март третата епизода – „Tomorrow“.

Снимањето се одвиваше на четири локации: манастирот Трескавец, Кратово, Водно и  Старата чаршија во Битола.

12 Monkeys - Pilot

Продукцијата е на Universal Cable Productions во соработка со Atlas Entertainment, продуценти на филмската верзија. Режисер е Дејвид Гросман, директор на фотографија Тико Пулалакис, продуцент е Мајкл Реј, локациски продуцент Раџив Дасани, додека Миливоје Ѓорѓевиќ од ФХ3Х е главен извршен продуцент на македонската екипа на „12 Monkeys“.

„12 Мајмуни“ е провокативна приказна на патникот низ времето Џејмс Кол, кој доаѓа од не толку убавата иднина од 2043  во денешницата, со мисија да лоцира и искорени смртоносен вирус на чума која само што не ја уништила човечката раса во неговото време. Организација под името „Армијата на 12 Мајмуни“ го пуштила вирусот кој во времето на Кол предизвикал смрт на 93.6 проценти од вкупната светска популација.

Режисерот на серијата Дејвид Гросман изјави дека дејството во трите епизоди снимени во Македонија се случува во Чеченија. Во приказната, патникот низ времето пресретнува вирус кој е испратен да елиминира предавник во редовите на ЦИА. Тој го пресретнува вирусот, но не успева да спречи  вирусот да се рашири. Во моментот пред дрон да ја нападне неговата локација, Кол се пренесува во иднината, каде што открива дека си го спасил животот само за да го посведочи сопствениот неуспех поради последиците од вирусот.

12 Monkeys - Pilot

– По внимателни пребарувања, продукциски се одлучивме за Македонија како совршена локација. Македонија и го даде на нашата приказна просторот, продукциската вредност и локации кои ни ја оживеаја приказната, изјави  Гросман.

Тој  е задоволен од соработката со македонската екипа ФХ3Х за кои вели дека се врвни професионалци со целосна посветеност и дека  со помалку спремна екипа немало да постигнат се. Материјалот кој го донеле од снимањето, вели тој, е доказ за квалитетот.

– Искуството беше забавно и возбудливо. Камерманите беа бестрашни, аудио одделот совршен. Луѓето задолжени за шминка, костимографија и сценографија завршија одлична работа со координацијата со нашата главна продукција во Торонто, задржувајќи го изгледот  на серијата. Асистентите на режисерот? Со еден збор? Брилијантни! Мишко Ѓорѓевиќ од ФХ3Х освен што е совршен домаќин, со својот продукциски тим се погрижија за секој аспект на продукцијата, од царинските процедури до купување на потопол капут. Смирени, искусни, со одлична смисла за хумор, овозможија продукцијата да си тече спокојно. „Нема проблем“ значеше дека навистина нема проблем. Нема подобро од тоа. Дали би се вратил назад? Би им препорачал ли и на други да снимаат тука? Да и да, изјави режисерот Гросман.

ФХ3Х се подолго време присутни на светскиот пазар за визуелни ефекти. Во изминатите години остварија контакти со голем број продуценти од оваа област и станаа препознатливи по својата работа и исполнителност.

Миливоје Ѓорѓевиќ од ФХ3Х, кој е извршен продуцент на македонската екипа на „12 Monkeys“, вели дека клиентите се сигурни дека нивниот проект е во сигурни раце кога ќе им го доверат ним. Во моментов соработуваат со петте најголеми студија во светот, со што  може да се пофалат само уште две-три студија во светот, а доволно кажува фактот што ФХ3Х е во постојан пораст како компанија и секојдневно се вработуваат нови луѓе.

– По долгогодишна соработка, еден од клиентите реши да ни довери и дел од продукцијата. Претходно цврсто се држевме до делот на постпродукција кога се во прашање светските студија како клиент, меѓутоа овој предлог дојде од нивна страна. Свесни бевме дека ваква можност не се укажува често и дадовме се од себе да ја оправдаме нивната доверба. Низ годините научивме дека за да успееш на глобален пазар треба да испорачаш повеќе од очекуваното. Таквиот принцип на работа не доведе до соработката на „12 Monkeys“, истакнува Ѓорѓевиќ.

Ова било ново искуство за нив кое, додава тој, го прифатиле како предизвик. – Тимот кој го склопивме за овој проект несебично се вложи. Сите беа мотивирани и дадоа максимум. Одлично сработениот проект е успех на целиот тим. Проектот беше многу динамичен. Сé се случуваше во текот на еден месец. Искуството кое го имаа режисерот и директорот на фотографија помогнаа да се заврши целиот проект со молскавично темпо, изјави Ѓорѓевиќ.

За потребите на серијата ФХ3Х ја реализираше целокупната продукција во Македонија. Во тоа е вклучена целосната логистика, организација, избор на екипа по сектори, актерска екипа.

– Дури и приказната претрпе малку измени за да се приспособи на нашите локации. Она што продуцентите ги донесе во Македонија е партнер на кој можат да се потпрат и во кој имаат доверба. Овој проект го гледаме како почетна точка за развој на комплетно нова палета на услуги кои ќе ги понудиме на светскиот пазар, бидејќи соработката продолжува, а веќе се разгледуваат и можности за други проекти да се префрлат во Македонија, додава тој.

Во таа насока ФХ3Х направиле и некои подготовки: кон крајот на годината инвестирале во два сета ARRI филмски камери и целосно монтирано Motion Capture Studio со 32 камери. Тоа се некои од новитетите во палетата на услуги кои ФХ3Х ги почна годинава.

– Ќе се држиме и понатаму до нашиот познат рецепт: нашите услуги се насочени кон големите студија и ќе се трудиме да привлечеме што повеќе светски брендови. Ако ја посетите нашата веб-страница fx3x.com, ќе ги пронајдете филмовите на кои работевме во изминативе години и корисни информации за нови артисти, а сите заинтересирани можат да аплицираат на work@fx3x.com, изјави Ѓорѓевиќ.

Серијата „12 Мајмуни“ ги урна рекордите на гледаност на премиерата на  американскиот канал Syfy, специјализиран за научна фантастика. Податоците покажаа над 2,3 милиони гледачи на премиерното емитување на 16 јануари, што ја рангираше серијата во првите 10 според гледаност на вечерни серии.

Улогите во серијата  ги толкуваат: Арон Стенфорд (како патникот низ времето Кол), Аманда Шул, Кирк Акеведо, Барбара Сукова и Ноах Бин. Во дополнителни клучни улоги се појавуваат и Том Нунан, како мистериозниот злотвор, и  Емили Хемшир, како психијатрискиот пациент Џенифер Гоинс.

МИА