Три кривични пријави за семејно насилство

СВР Скопје поднесе кривични пријави против три лица од Скопје поради сомневање за семејно насиство. О.Г.(21) се товари за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“, Д.Д.(43) за „телесна повреда“, а Т.Д. (31) за „тешка телесна повреда“.

Како што соопшти МВР, на Т.Д. и О.Г. им е одредена мерка притвор во траење од по осум дена.

О.Г. на 12 март околу 13 часот и испратил СМС порака на неговата мајка итно да му обезбеди 100 евра, а потоа уште 400 евра за негови лични потреби. Откако таа излегла да му каже дека нема толку пари, тој почнал да и се заканува дека ќе ги нападне неа и целото семејство. Во тој момент, дошол неговиот очув при што во обид да ја заштити сопругата бил нападнат од пријавениот со метален боксирач, но успеал да го одбегне ударот.

Д.Д. во семејниот дом, во алкохолизирана состојба, физички ја нападнал својата сопруга, навредувајќи ја со погрдни зборови и удирајќи ја по лицето и главата. Кога неговата ќерка се вмешала да ги смири, ја нападнал и неа при што и на двете им нанел видливи телесни повреди. Тие веднаш се упатени на лекар.

Т.Д. завчера околу три часот по полноќ насилно влегол во спалната соба од семејниот стан и од мајка си побарал да му го даде нејзиниот мобилен телефон. Кога таа одбила, почнал да ја удира со тупаници и клоци по целото тело. Од здобиените удари, мајката паднала на подот, но пријавениот не престанувал со тепањето. Мајката некако успеала да побегне и случајот го пријавила во полиција.

Т.Д., Д.Д. и О.Г. се евидентирани во полициската крим евиденција како сторители на разни видови кривични дела.