Три лица убиени во немири во Турција

Три лица се убиени во судирите меѓу непријателските курдски групи во југоисточна Турција, соопшти ДПА, повикувајќи се на агенцијата Анадолија.

Две лица вчера се убиени во судирите во градот Џизре, во близина на границата со Сирија, а третиот од здобиените повреди починал во болница, соопшти валијата на округот Шарнак, цитиран од Анадолија.

Во судирите учествувале младинци од организација која се поврзува со забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и поддржувачи на курдска исламистичка партија.

Во судирите меѓу непријателските курдски групи во октомври беа убиени над 40 лица. За време на протестите, приврзаници на ПКК се кренаа на бунт, барајќи од турската Влада да го заштити сирискиот град Кобане, каде курдските борци се бореа со џихадистите од Исламска држава.