четврток, 30 март 2017  |  Вести денес: 39

Три милиони евра за проекти за рамномерен регионален развој

133169240

Последни вести

Со 180 милиони денари или три милиони евра од државниот буџет ќе се финансираат 26 проекти во осумте плански региони во државата за подобрување на условите за живот. Договорите за реализација на проектите ги потпишаа претставници на осумте плански региони со директорот на Бирото за регионален развој Џемаил Елмази.

На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот Владимир Пешевски, кој е претседавач на Советот за рамномерен регионален развој, и министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Со средствата ќе се финансираат проекти со кои ќе се гради или реконструира локална патна инфраструктура во седум региони, ќе се гради инфраструктура во две локални индустриски зони во Велес и Неготино, ќе се уреди јавен простор за паркови во два региони, ќе се модернизира регионалниот пазар за стоки во Пелагонискиот регион, ќе се изведуваат комунални инфраструктурни проекти во три региони, а ќе се изврши и адаптација и санација на Занатетчки дом во Куманово. Ќе се реализираат и проекти за развој на туризмот во три плански региони, додека во два ќе се спроведат проекти за подобрување на условите за жќивот и заштита на животната средина.

Дополнително на овие средства преку двете компоненти за плански региони со специфични потреби и проекти за развој на селата се доделени 77 милиони денари или околу 1,250 милиони евра.

Според вицепремиерот Пешевски, денешното потпишување на договорите е чекор напред кон рамномерниот регионален развој и подобрување на условите за живот на граѓаните во сите региони во Република Македонија.

– Владата е силно посветена на рамномерниот регионален развој и од година во година средствата кои се инвестираат во Програмата континуирано се зголемуваат. Така годинашните средства во висина од 4 милиони и 250 илјади евра се речиси двојно повисоки од средствата наменети за 2015 година, кои изнесуваа 2 милиони и 160 илјади евра, а се четири пати повисоки од средствата издвоени за оваа програма во 2014 година кои изнесуваа околу милион евра, рече вицепремиерот Пешевски.

Тој истакна дека Владата е посветена на реализација на Стратегијата за рамномерен регионален развој и во таа насока ќе продолжи да го поттикнува рамномерниот регионален развој, континуирано ќе го подигнува стандардот на живеење на граѓаните и на тој начин ќе обезбеди побрз и стабилен економски развој на РМ.

Министерката Елези потенцира дека за годинашниот буџет, кој е двојно поголем од претходната година, биле пристигнати 38 предлози, а се прифатени 26 проекти. Ќе се финансираат три во Скопскиот, три во Југоисточниот, два во Источниот, пет во Пелагонискиот, четири во Полошкиот, два во Југозападниот, четири во Вардарскиот и три во Североисточниот регион. Најмногу средства, како што е утврдено според степенот на развиеност, ќе добие најмалку развиениот Североисточниот регион 31 милион денари, а најмалку во Скопскиот, како најразвиен 13 милиони денари. Вардарскиот добива 26 милиони, Југозападниот и Полошкиот по 23, Пелагонискиот 21, Источниот и Југоисточниот по 20 милиони.

Дваесет и четири проекти се инфраструктурни, еден е планско управување со отпад, еден проект на подобрување на условите за туризам.

Директорот на Бирото очекува квалитетно спроведување и реализација според утврдената динамика на проектите.

Најчитани вести