Балкан

Три министерства за косовските Срби во владата на Харадинај

Три министерства за косовските Срби во владата на Харадинај

Косовските Срби ќе имаат три министерство и шест помошници министри, но односот кон премиерот Рамуш Харадинај, кого Србија и натаму го товари за воени злосторства нема да се промени, соопшти во саботата официјален Белград.

Во владата на поранешниот командант на бунтовничките сили на Ослободителната војска на Косово (ОВК- УЧК) Рамуш Харадинај, Српската листа ќе ги добие министерствата за враќање и заедници, за земјоделство и рурален развој, како за локална самоуправа. Покрај тоа, ќе добие и шест помошници министри, објавено е по средбата на директорот на Бирото на владата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, и претставниците на Српската листа од Косово којашто ја поддржува официјален Белград.

„Безбедноста, подобриот живот, економската положба, опстанувањето на Србите, се единствените цели за коишто ќе се бориме. Не можеме да ги избираме албанските политички претставници, но нашите луѓе, кои се избрани со огромно мнозинство да се борат за Србите, да работат низ институциите, собранието, на теренот и од говорницата. За одлуките коишто ги донесовме добивме поддршка од владата и од претседателот на Србија, како и од директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија“, изјави на прес-конференција претставникот на Српската лиса, Горан Ракиќ.

Пратениците од оваа листа истакнаа дека „не постои подобар начин, можеби не и потежок, од целосно учество во косовските институции во позла на опстанокот на Србите на Косово.

„Со влегувањето во оваа влада ќе добиеме можност да се избориме за програмата на Српската листа“, изјави кандидатот за министер за земјоделство, Ненад Рикало.

За министерството за враќање (на Србите) клучно прашање ќе биде како да се избори за одржливи враќање на Србите на напуштените имот на Косово. Министерството за локална самоуправа треба да ја има клучната улога во формирањето на Заедницата на српските општини, што е дел од Бриселскиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина од април 2013 година, а за што властите во Приштина веќе долго даваат отпор.

Портпаролот на Српската лига, Игор Симиќ, истакна дека со бројот на гласовите листата се изборила за четвртото место во косовскиот парламент и четврта е по политичката сила со 10 пратеници, така што владата во Приштина зависи од нејзините гласови.

Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата на владата на Србија за Косово и Метохија, изјави дека односот на Србија кон премиерот Рамуш Харадинај нема да се менува.

„Тој останува обвинет воен злосторник и ставот на државата Србија кон него нема да се менува“ и идниот косовски премиер „останува предмет на обработка на српската полиција, обвинителството и другите органи“, изјави Ѓуриќ и оцени дека „на Србите не им го олеснува животот“ тоа што албанскиот народ на Косово 17 години со ред избира луѓе кои учествувале во војната.

Минатата седмица косовскиот претседател Хашим Тачи го именуваше својот соборец од ОВК, Рамуш Харадинај за премиер, откако овој обезбеди парламентарно мнозинство со придружување на партијата Алијанса за Косово на контроверзниот косовско-швајцарски бизнисмен Беџет Пацоли кој има добри врски со белградски политички и бизнис кругови. Со тоа е завршена тримесечната политичка блокада која настана по парламентарните избори од 11-ти јуни бидејќи не можеше да се формира јасно парламентарно мнозинство.

Косово, освен катастрофалната економска ситуација, се соочува и со тешкотии во дијалогот со Србија кој со месеци е на мртва точка. Србија одбива да ја признае независноста на својата поранешна јужна покраина од која мораше да се повлече по судирите од 1998/1999 година и бомбардирањето на НАТО, која во 2008 година еднострано со поддршка на САД и главните држави од ЕУ прогласи независност.

Харадинај на почетокот од годинава мина неколку месеци во притвор во Франција каде што беше уапсен по меѓународната потерница издадена од Србија којашто го товари за воени злосторства, но судот во француски Колмар одби да го екстрадира во Србија, меѓу другото, и затоа што Харадинај е ослободен од обвинувањата пред Хашкиот трибунал во 2008 година и по повтореното судење во 2012 година поради недостиг од докази и по низата мистериозни самоубиства и смртни несреќи на сведоците против него. Официјален Белград тврди дека потерницата е објавена поради дела кои не биле предмет на судењето пред судот во Хаг.