Три нови инвестиции за три дена

инвестиции

Отворањето нови и проширувањето на постојните производствени капацитети и рестартирањето на рудниците создадоа услови за нови вработувања со кои повторно заживуваат градовите и цели региони. Еден од посериозните удари врз невработеноста се случи последниве денови, кога за само три дена се најавени три странски инвестиции, кои би требало да отворат повеќе од 2.600 работни места.

– Зборот е одржан. По договорот за инвестирање со „СТС Текстил“, почетокот на работа на „Костал“, инвестицијата на „Цераметал“ е трета инвестиција за три дена и нови повеќе од 2.600 работни места. Задачата на политичарите е да создаваат и придонесуваат за напредокот, затоа што Македонија се сака со дела. Нашата цел е силна економија за силна Македонија. Продолжуваме! – напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот профил на „Фејсбук“ поздравувајќи ги новите инвестиции.

Нови 1.000 работни места ќе бидат отворени со инвестицијата на германската компанија „СТС Текстајлс“, која ќе отвори фабрика за производство на технички и на индустриски текстил во Велес.

Фабриката ќе биде сместена во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“ позната како поранешната „Свилара“. Во почетокот ќе бидат вработени 50 лица, а во следните пет години се планира да бидат ангажирани до 1.000 лица. Првичната инвестиција се проценува на околу четири милиони евра, а во следните пет години ќе бидат инвестирани до седум милиони евра. Сопственикот на „СТС Текстајл“ планира со производство во Македонија да почне веќе за една до две недели, а целата производство ќе биде извезувано во Германија, Франција, Италија и во Полска.

Во исто време стартува и инвестицијата на германски „Костал“. Станува збор за водечки извозник на технолошко напредни и иновативни производи во автомобилска индустрија, а ќе произведува електронски и електромеханички производи, кои ќе се вградуваат во познати и луксузни автомобили во светот како „мерцедес“, „БМВ“, „ауди“, „порше“. Во првата фаза „Костал“ почнува со работа во приспособен објект, кој е дел од поранешното „Емо Охрид“, со планови да се проширува и на други делови од истиот комплекс.

Во согласност со бизнис-планот компанијата по одреден период ќе се прошири и во нов гринфилд-објект во ТИРЗ „Струга“ со што плановите се бројката на вработени да надмине 1.000. И покрај новиот објект во зоната, капацитетите во приспособениот објект на ЕМО ќе продолжат да работат паралелно. Во наредните два месеца планот е во него да бидат вработени околу 100 луѓе и оваа бројка постепено ќе расте до планираните 1.000 вработувања. Ова ќе значи сигурна егзистенција не само за луѓето во Охрид и во Охридско, туку и можност за вработување на жителите од Дебарца, Струга.

Третата нова инвестиција најавена деновиве, која треба да апсорбира 600 директни вработувања, ќе се реализира од страна на грчката компанија „Цераметал“ во Битола. Капацитетот ќе биде лоциран во индустриската зона „Жабени“, каде што ќе се произведуваат метални производи, конструкции и материјали за заварување што се применуваат во енергетскиот и во градежниот сектор. Инвестицијата се проценува на 12 милиони евра, а во првата фаза пет милиони евра. Земјиште на кое ќе изгради хала во две фази во кои ќе се вработат вкупно 600 луѓе. Во првата фаза 150, а другите во втората фаза. Дополнително на ова ќе има и индиректни работни места.

Благодарение на добрата економска политика од година во година стапката на невработенот паѓа.

– Стапката на невработеност бележи континуиран пад од 2005 година до денес. Со стимулативни мерки дојдовме до 24 проценти невработеност. Не постои ниту една држава во светот, која успеала за 14 процентни поени да ја намали стапката на невработеност во периодот во кој успеа Македонија. А тоа не се случува само од себе. Беше потребно да се спроведе голема комплементарна политика, од подобрување на бизнис-климата, намалување на даноците, градење институции што ќе се соочуваат со инвеститорите, градење соработка со локалната самоуправа. Многу е важна соработката со градоначалниците бидејќи секоја инвестиција се спроведува на територијата на општините.Очекувам за една или две години невработеноста да падне до 22 отсто, а во 2018 година дури и под 20 отсто. На тој начин веќе ќе станеме држава во која сѐ потешко ќе се наоѓа работна сила. Во овој момент во некои градови веќе постои таква динамика, како во Гевгелија, Кавадарци, Штип, каде што невработеноста опаѓа на општествено прифатливи нивоа – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски

Дека во изминатиот период се забележува континуирано намалување на невработеноста во Република Македонија, покажуваат и  последните објавени податоци на Државниот завод за статистика од Анкетата за работна сила, според која во вториот квартал од 2016 година стапката на невработеност изнесува 24,0 отсто. Според Агенцијата за вработување на Република Македонија, со состојба на 30.9.2016 година се евидентирани 199.146 невработени од кои 103.646  активни баратели на работа и 95.500 други лица што бараат работа, односно пасивни баратели на работа. За разлика од оваа бројка на невработени на крајот на минатиот месец, на крајот на 2006 година, односно со состојба на 31.12.2006 година, во Агенцијата за вработување биле евидентирани 366.551 невработени лица.

– Намалувањето на невработеноста, односно падот на стапката на невработеност  укажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиката за вработување, насочена кон отворање нови работни места, позитивните ефектите што ги даваат новокреираните работни места од страна на странските инвеститори, но и креираните работни места од страна на домашните компании, како и зголемената соработка меѓу странските и домашните компании, која дополнително ја поттикнува потребата од нова работна сила – сметаат од АВРМ.

Одговорните од Агенцијата нагласуваат дека значително влијание на намалување на невработеноста имаат и активните програми и мерки за вработување што ги реализира Агенцијата за вработување на Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и за социјална политика, а со поддршка на Владата на Република Македонија.

– Во изминатиот период, поточно во периодот од 2007 година од кога се спроведуваат годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, реализирани се повеќе од 40.000 вработувања. Во однос на побаруваните  занимања на пазарот на трудот, домашните и странските работодавци побаруваат работници за вршење работни задачи од различни занимања и соодветен степен на образование, зависно од дејноста на работодавецот и тоа машински инженери, електроинженери, програмери, информатичари, инженери на софтвер, градежни инженери, графички дизајнери, економисти, сметководители, правници, машински техничари, градежни техничари, машински техничари за одржување опрема, работници  за едноставни работи на производствена линија и многу други занимања – велат од АВРМ.

Оттаму во наредниот период очекуваат нови инвестиции  од страна на странски компании, како и проширување на капацитетите на постојните компании, што значи отворање нови работни места и нови вработувања.

Текстот е објавен во неделникот Република, бр.215

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.