Македонија

Три нови проекти на ЈП Водовод и канализација за подобра и побрза услуга

Три нови проекти на ЈП Водовод и канализација за подобра и побрза услуга

„Мој Инкасатор“, „Плати Брзо“ и „Доставување на состојба на водомер“. Ова се трите нови проекти со кои што ЈП Водовод и канализација ќе им излезе во пресрет на барањата на граѓаните.

За ова денес говореше директорот на претпријатието Александар Атанасов кој информира дека со проектот Мој инкасатор граѓаните сами можат да го одберат инкасаторот  што ќе сакаат да им го прочита водомерот.

„Се работи за систем кој е интегриран на нашата веб страна и преку кој граѓаните можат веднаш од својот дом да повикаат инкасатор. Инкасаторите ќе бидат запишани со име и презиме. Услугата ќе биде бесплатна. Овој проект произлезе по поплаките на корисниците дека се случува инкасаторот подолго време да не го прочита водомерот, бидејќи не биле дома корисниците, не стигнал инкасаторот итн., по што пристигаат големи сметки наеднаш. Со овој проект го решаваме овој проблем“, појасни Атанасов.

Опцијата „Доставување на состојба на водомер“ , како што појасни Атанасов, исто така е интегрирана и се наоѓа на веб страната ан ЈП Водовод и канализација.

„ Со оваа опција корисниците имаат можност крајно едноставно да ни ја достават состојбата на водомерот. Со користење на формата и пополнување со најосновните податоци, дописот може да го поткрепат со фотографија (од бројачот на водомерот). Со овој проект се олеснува работата и на инкасаторите и на корисниците“, вели Атанасов.

Како што рече, со проектот „Плати брзо“ се решава уште еден голем проблем, како за граѓаните, така и за Претпријатието, а тоа се гужвите кои се прават при плаќање на сметките пред шалтерите на ЈП Водовод и канализација-Скопје.

Ќе бидат поставени 12 терминали за плаќање на сметки, кои се поставени на локации низ целиот град, а како што информираше, во блиска иднина се планира поставување на вкупно 30 терминали.

– Со овие терминали граѓаните повеќе нема има потреба да одат до наплатните пунктови за да ја платат својата сметка и да чекаат ред, туку ќе можат истата да ја подмират на локацијата која им е најблиска, рече тој.

Во моментов во функција се терминалите: City Mall, ул „Љубљанска“ бб, С. Тинекс Годел, ул. „Перо Наков“, бр.108, С. Тинекс Драмски на ул. „Шекспирова“, бб,  С. Тинекс Зебра  ул.„Васил Ѓоргов“ бр.16, С. Тинекс Млечен, ул. „Багдадска“, бр.36, С. Тинекс Првомајска, ул. „Првомајска“, бр.66, С. Тинекс Раде Кончар, бул. „Трета македонска бригада“, бр.56, ФОН , ул. „Киро Глигоров“ бб, ФОН 2, ул. „Киро Глигоров“ бб, Prince Market, ул.„Ферид Мурати“ 30, Рептил Ново  Лисиче, Бул.„Видое Смилевски Бато“ бр.1/1, Рептил Црниче,  ул.„Востаничка“ бб.

За крај Атанасов посочи дека ЈП Водовод и канализација-Скопје во последните месеци внимателно ги слушаше барањата на корисниците.

– Со овие три проекти им излагаме во пресрет на граѓаните. Ние и понатаму ќе продолжиме да работиме во насока на подобрување на нашите услуги, рече тој.