Три нови случаи на туларемија, вкупно 28 досега

Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден со лабораториски наод во Институтот за јавно здравје потврдени се три нови случаи на лица заболени од туларемија.

Лицата се во добра општа состојба и по извршените амбулантски прегледи се пуштени на домашно лекување. Кај трите лица утврдено е дека инфекцијата настанала пред неколку недели. Трите лица се од подрачјето на Скопје, од кои едно од општина Чаир, а две лица од општина Арачиново, и сите припаѓаат на возрасната група од 19 – 37 години.

Инаку, досега регистрирани се вкупно 28 лица заболени од туларемија, меѓу кои во општина Арачиново – 9 случаи, општина Лозово – 12 случаи, општина Чаир – 1 случај, општина Кисела Вода – 1 случај, општина Свети Николе – 2 случаи, општина Куманово – 3 случаи.

Министерството за здравство и надлежните институции редовно ја следат состојбата и се преземаат сите потребни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки и активности за превенција и сузбивање на ова заболување. Редовно се врши испитување на квалитетот на водата за пиење во загрозените подрачја и доколку е неисправна, се забранува за пиење и се даваат препораки на населението за превривање на водата. Континуирано се делат едукативни материјали со совети за превенција на населението. Извршена е дератизација во семејните куќи, дворови, училишта, општински згради во овие подрачја и во тек е спроведувањето мерки за чистење и санација на каптажите на водоснабдителните системи.