Три нови случаи со криумчарање мигранти

Министерствотот за внатрешни работи во текот на овој месец во три одвоени случаи на криумчарење мигранти поднесе кривични пријави против пет лица.

При расчистувањето на случаите откриени се вкупно 20 илегални мигранти од кои девет државјани на Авганистан и единаесет државјани на Сирија кои илегално влегле во Република Македонија со намера потоа да продолжат кон западноевропските земји.

Така во првиот случај кривично пријавени се лицата И.К. (39) и А.П. (51) двајцата од Куманово поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “криумчарење мигранти“.

Имено на почетокот на овој месец И.К. во својот дом прифатил и засолнил петмина авганистански државјани (маж, жена и три деца) за сума од по 20 евра од вечер иако знаел дека лицата илегално престојуваат во РМ. Потоа наредниот ден тој телефонски се договорил со второпријавениот А.П. овој со своето такси возило за сума од 50 евра да ги пренесе лицата во близина на граничниот премин „Табановце“ од каде што требало илегално да велат во Србија а од таму во некоја од државите на ЕУ.

Меѓутоа А.П. заедно со илегалните мигранти, авганистанско семејство набрзо биле сопрени од сообраќајна патрола во близина на кумановскиот монопол и по проверките тој и илегалните мигранти биле приведени во СВР Куманово. Набрзо по ова приведен е и И.К.

Во вториот случај поднесена е кривична пријава против лицата С.Е. (30) и Ф.Ш.(30) и двајцата од Штип.

На регионалниот пат Куманово-Свети Никола-Штип кај месноста викана „Канда“ полициски службеници се обиделе да сопрат возило марка “опел омега но возилото не сопрело по што набргу кај раскрсницата за село Стањевци удрило во бетонски столбови од автобуска постојка.

По преземни мерки фатен е совозачот С.Е. и седум сириски државјани на возраст од 25 до 37, а од  извршен разговор со истите утврдено е дека возилото го управувал Ф.Ш. кој претходно се договорил со С.Е. да ги превезат мигрантите од Демир Капија до Куманово за што му дал 3.000 денари.

Во третиот случај ноќеска околу 00:30 часот на магистралниот пат Штип – Радовиш при контрола на возило со скопски регистарски ознаки управувано од В.Д.(34) од Велес, пронајдени се осумина илегални мигранти, четворица од Сирија и исто толку од Авганистан, кои илегално влегле во Македонија.