Три општини добија 260.000 евра од Јапонија

Три општини и една универзитетска клиника од Скопје денеска добија грант средства од Владата на Јапонија за реализација на проекти во вкупна вредност од околу 260.000 евра, пренесува МИА.

Станува збор за општините Центар Жупа, Велес и Демир Хисар и Универзитетската клиника за радиологија во Скопје.

За потребите на општината Центар Жупа ќе биде набавено амбулантно возило и возило за домашна посета во вредност од 54.710 евра, додека општината Демир Хисар средствата во висина од 75.885 евра ќе ги искористи за набавка на ново противпожарно возило. Во општина Велес ќе бидат набавени две котли за греење и обновени 20 тоалети за околу 800 ученика од три училишта кои учат во една училишна зграда. Универзитетската клиника за радиологија пак ќе обезбеди еден ултразвук апарат и апарат за анестезија во вредност од 75.519 евра.

Средствата се обезбедени преку Грант програмата на јапонската Влада за мали проекти која за првпат почна да се спроведува во 1989 година.

– Владата на Јапонија смета дека овие мали проекти се од големо значење за развојот на малите организации и заедници на локално ниво. Иако се мали, сепак тие се значајни за зголемување на човековата безбедност. Се надеваме дека со овие проекти ќе придонесеме барем малку за еден свет во кој сите ќе живеат во мир и просперитет, истакна на денешното потпишување на договорите Митсунори Огасавара од Јапонската амбасада во Виена, задолжен за Македонија.

Во Македонија оваа програма почна да се применува од 1996 година и оттогаш во земјата се реализирани низа проекти од значење за граѓаните.