Три основи за пониска невработеност

Стапката на невработеност во Македонија ќе продолжи да се намалува – покажуваат проекциите на домашните и на меѓународните финансиски институции. Капиталните проекти го стимулираат градежништвото и другите стопански гранки поврзани со него, активните мерки ги поттикнуваат компаниите да креираат нови работни места, а сè поевидентни стануваат и ефектите од странските директни инвестиции, пишува Лидер.

Ова придонесе стапката на невработеност во последниот квартал од 2016 година да се спушти на историски најниски 23,1%.

Бројот на вработени се искачи на 731 илјада 107 луѓе, за 3.122 повеќе од претходниот квартал или за 15 илјади 349 повеќе во однос на последниот квартал од 2015 година.

„Падот на невработеноста најверојатно се должи на вработувањата во странските фабрики кои веќе инвестираа во Македонија пред политичката криза позначајно да се ефектуира, понатамошната експанзија на градежниот сектор и на проектот Македонија вработува 2“ – велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Властите за годинава очекуваат да се отворат околу 11 илјади нови работни места, што би значело раст на вработеноста од 1,8%, а повторно како главни „виновници“ се посочуваат активните мерки, СДИ и капиталните вложувања.

„Овие проекции се базираат на предвиденото зголемување на бројот на вработени во компаниите кои работат во слободните економски зони, активните мерки и програми за вработување на Владата, но и како резултат на реализацијата на јавно-финансирани инфраструктурни проекти“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Нови работни места за младите

Светска банка смета дека невработеноста во Македонија ќе продолжи да се намалува во услови на очекуван економски раст. Конечно, проекциите се дека ќе има поголемо поместување во делот на невработеноста меѓу младите, која според податоците на Државниот завод за статистика изнесува 47,3%.

„Економскиот раст влијае на можностите за вработување кај младите повеќе отколку кај возрасните. Иако кризата непропорционално ги повредува младите, сепак е потребен помал економски раст за да се создадат работни места за младите отколку за возрасните во периодите на ширење“ – објаснуваат економистите од Светска банка.

Невработеноста меѓу младата популација е голем проблем во сите земји од регионот, а слично е и во ЕУ, каде просекот на младинска невработеност изнесува 18,6%. Исклучок се Грција, Шпанија, Италија, односно југот на Унијата со стапка на младинска невработеност слична како и во Македонија.

Нашата земја има проблеми со пазарот на труд, со стекнатите вештини за време на образованието, недоволното искуство и практична работа.

„Вештините што се добиваат на училиште и факултет генерално не одговараат на она што го бараат работодавците на пазарот на труд. Има долг период на адаптација. На работодавците не им се допаѓа она што го гледаат кај младите кога првпат ќе ги вработат. Тие веднаш сакаат готов кадар, а на младите им е потребно искуство за да можат да станат готов продукт, тоа е еден магичен круг“ – вели Дамјан Николовски од Националниот младински совет.

Еден од начините за надминување на овој проблем е мерката од Оперативниот план за самовработување со кредитирање, каде има големи поволности за младите до 29 години.

„Досега над 460 компании се отворени од млади лица до 29 години и над 550 лица се вработени преку оваа мерка. Можностите за младите се поволни и за нив се исплаќаат повисоки средства. Кредитобарателот зема повисоки средства и секое вработување на младо лице до 29 години носи дополнителни 1.000 евра што значи дека за секое лице се добиваат по 4.000 евра и може да се поддржи бизнис најмногу до 23.000 евра, преку кредит кој се враќа со поволна каматна стапка од 1% и има грејс период“ – вели директорката на Центарот за вработување – Скопје, Слободанка Алексовска.

„Македонија вработува“ го раздвижи пазарот

Преку проектот „Македонија вработува 2“ се веќе вработени над 5 илјади луѓе. Компаниите се стимулираат да отворат нови работни места со значително пониски трошоци.

„Развојот на едно пазарно стопанство посебно зависи од приватна иницијатива и од храброста на претприемачите за развој на сопствениот бизнис. На овој начин тие се охрабруваат и им се дава поттик да го рашират својот бизнис“ – објаснува првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

„Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош“ – објаснува Миле Бошков од Бизнис -конфедерацијата на Македонија.

 Странските инвеститори бараат работници

Голем дел од новите вработувања се реализирани во фабриките на странските инвеститори. Од Советот на странски инвеститори велат дека 50 илјади луѓе работат во фирмите со странски капитал, во и надвор од зоните, а странските инвеститори соработуваат со над 5 илјади фирми, што придонесува за креирање и на индиректни работни места.

„Субвенциите дадоа резултати, потврда за тоа е фактот дека се обезбедени 50 илјади вработувања. Бројот на вработените потврдува дека одлуките за поддршка не биле толку лоши. Да немаше субвенции, немаше да стигнеме до ова ниво на странски инвестиции“ – вели претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во Македонија во 2016 година влегле странски директни инвестиции во износ од 358,4 милиони евра. Сепак, Државниот завод за статистика измери пад на бруто – инвестициите од 4,3%. Ова сигнализира дека е потребно што поскоро да се стави крај на политичката криза за да се врати подготвеноста на инвеститорите да преземаат ризици и да вложуваат капитал.

„Воздржаноста за инвестирање и од странските и од домашните бизнисмени го објаснува падот на бруто инвестициите“ – објаснуваат од „Фајненс Тинк“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.