Магазин

„Три плаката надвор од градот“ најдобар филм на годинешното доделување на BAFTA

„Три плаката надвор од градот“ најдобар филм на годинешното доделување на BAFTA

Филмот „Три плаката надвор од градот“ (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) е прогласен за најдобар филм на годинешното доделување на британските филмски награди BAFTA (Британската академија за филмска и телевизиска уметност – British Academy of Film and Television Arts), но на неговиот режисер Мартин Мекдонахју му побегна наградата за најдобра режија којашто ја освои Гиљермо Дел Торо за филмот „Формата на водата“.

„Три плаката надвор од градот“ ја освои наградата за најдобар филм во конкуренцијата на „Викај ме со своето име“ или „Скриена љубов“ (Call Me By Your Name), „Најмрачниот час (Darkest Hour), „Данкирк“ (Dunkirk) и „Форма на водата“.

Филмот на Мартин Мекдонахју, исто така, ја освои и наградата за најдобар британски филм. Во трката уште беа и „Формата на водата“, „Најмрачниот час“, „Сталиновата смрт“, „Божја земја“, „Леди Макбет“ и „Пединготн 2“.

Американската актерка Френсис Мекдорманд ја доби наградата за најдобра женска главна улога за мајката којашто бара правда за силуваната и убиена ќерка во „Три плаката надвор од градот“, а низата од признанија ја продолжува и Сем Роквел, кој е награден за споредна машка улога на полицаецот расист на патот до катарза.

„Три плаката надвор од градот“ ја доби наградата и во категоријата за најдобро оригинално сценарио.

Гиљермо Дел Торо сепак доби сатисфакција освојувајќи го признанието за најдобар режисер за филмот „Форма на водата“, кој доби и најмногу номинации, вкупно 12, а покрај оваа ги освои уште само за оригинална музика и за продукциски дизајн.

Наградата за главна машка улога му припадна на Гери Олдман за улогата на легендарниот британски премиер Винстон Черчил во филмот „Најмрачниот час“.

За толкување на најдобрата женска споредна улога членовите на академијата ја прогласија Алисон Џејни во биографскиот филм за контроверзната американска лизгачка „Ја, Тонја“.

Најголема актерска надеж според оцената на BAFTA е Даниел Калуја, а најдобар филм надвор од англиското говорно подрачје е „Слугинката“ (The Handmaiden) од 2016 година на режисерот Панг Чак-ук, кој е прв корејски филм што ја освоил оваа награда.

Наградата во категоријата за најдобро деби на британски писател/писателка, режисер/режисерка или продуцент/продуцентка, ја освои филмот „Не сум вештерка“ (I Am Not A Witch), на режирката Рунгано Ниони, родена во Лусака а израсната и образована во Британија, за девочјенце обвинето дека поседува вештерски моќи.

За најдобар документарен филм е прогласени „Јас не сум твој црнец“(I Am Not Your Negro), на режисерот Раул Пек.

И лондонаската церемонија, како и многу други во светот на популарната култура, особено филмот и музиката, мина во искажување на солидарност со жртвите на сексуалното злоставување #MeToo и Time’s Up. Многу ѕвезди, вклучително и актерките Анџелина Џоли, Џенфер Лоренс и Кристин Скот Томас, на оваа церемонија се појавија во црнина.

Претседателката на BAFTA, Џејн Луш ја отвора церемонијата со сериозна порака дека е важно да се признае дека минатата година била „тешка“, истакувајќи ги настојувањата во рамките на борбата против половата нееднаквост.

„Бевме сведоци на низа храбри објави за малтретирања и сексуално злоставување кои, за наш срам, со децении се одвивале пред нашиот нос“, рече Луш.

Лауреатката Мекдорманд не беше облечена во црно но цитираше реплика од нејзиниот лик, кој според нејзиното признание, има „малку проблеми со прифаќањето авторитети“.

„Сакам, сепак, да знаете дека целосно се солидаризирам со своите сестри коишто вечерва носат црно“, рече американскат актерка.