Три жртви и 11 ранети во експлозија во трговски центар во Колумбија (ВИДЕО)

Најмалку три лица загинале а уште единаесет се повредени во експлозија на боба во трговски центар во колумбиската престолнина Богота, изјави градоначалникот Енрике Пењалоса.

Првите информации коишто ги објави градоначалникот на Богота, Енрике Пењалоса, зборуваа за една жртва, француска државјанка и за 11 ранети. Пењалоса го осуди „кукавичкиот напад во трговскиот центар Андињо“, додавајќи дека „загинала 23-годишна Французинка, а 11 лица се повредени“.

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос веднаш му нареди на директорот на колумбиската полиција, генералот Хорхе Нието, да спроведе истрага за да се утврди причината за експлозијата.

Според првичните информации коишто ги објави полицијата, експлозијата се случила околу 17 часот по локално време, или по полноќ по средноевропско време, во тоалет во трговскиот центар во кварт на Богота кој е посетуван од голем број странски туристи, ден пред локалниот празник Ден на татковците.

Две жени, на возраст од 27 и 31 година, чиешто државјанство засега не е познато, „им подлегнале на повредите“, соопшти клиниката во која биле префрлени некои од жртвите. Четворица од повредените се во критична состојба, се додава во соопштението.