Трибина на ГДОМ во Тетово

Претставници на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) денеска одржаа трибина во Тетово.

Аналитичарот Александар Пандов побара масовна излезност на тетовци на претстојните парламентарни избори, но и на сите граѓани на Македонија за да се покаже, како што рече, дека тие го носат конечниот суд, дека тие даваат и одземаат власт.

Според Пандов, тогаш граѓаните ќе дадат одговор дали сакаат Република Македонија да се натпреварува со останатите земји во светот, да биде на десетто место за привлекување странски инвестиции и да оди уште понапред или ги интересираат разни приказни на, нагласи, удбашко-полициското политичко подземје кои докажано од минатото не и мислат добро на оваа држава.

– Мислам дека одговорот овојпат ќе биде премногу лесен која е таа опција што и нуди просперитет на Македонија, намалување на невработеноста она најгорливо прашање, подобрување на стандардот за живеење и кој нуди разно – разни мрачни сценарија, удбашки сценарија кои и во минатите две години, а и еве сега се актуелни и натаму ја водат кампањата на СДСМ подржани од платеничките медиуми на Сорос и нивното сега крајно чедо СЈО, изјави Пандов.

Според историчарот Никола Србов, веќе две години Македонија е во сериозна политичка криза и на тоа треба да се стави крај. Изборите на 11 декември, смета Србов, ќе значат одговор на едно референдумско прашање во Македонија, дали ќе не биде или не.

– Македонците се тие што треба да решат во каква држава сакаат да живеат, а не некои сили од надвор да ја редефинираат оваа држава, да ни воведуваат разни двојазичности и федерализации во државата и мислам дека сега е клучниот момент Македонците да кажат во каква држава тие сакаат да живеат. Дали сакаат да бидат свои на своето или сакаат нивната држава да биде делена и парчена и понатаму?, истакна Србов.

На трибината на ГДОМ во Тетово зборуваа и професорот Александар Даштевски и актерот Крсте Јовановски по што присутните имаа можнот да постават прашања за актуелните политички состојби во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември.