Трибина во Атина: Директорот на „Прогрес” и член на СДСМ Талески најгласен во нападите кон Македонија

>Македонија била криминализирана држава со авторитарен режим – ова се само дел од епитетите што и беа “залепени” на нашата земја од страна на директорот на институтот „Прогрес” и член на СДСМ, Доне Талески, на трибина во Атина.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, на трибината организирана од грчкиот институт ЕЛИАМЕП, на кој што присуствуваа претставници од целиот Балкан, најгласен во нападите кон Македонија беше токму македонскиот претставник.

„Македонија во моментов е земја, која што освен тоа што претставува заробена држава, е и целосно криминализирана од врвот па надолу. Мислам дека од овде е и потеклото на актуелната политичка криза во Македонија. Ова има и некои ефимерни последници како порастот на меѓуетничките тензии. Инцидентот во Куманово беше предупредувачки сигнал и аларм, не само за регионалните главни градови, туку и за Брисел, Вашингтон и други места”, истакна Талески нагласувајќи дека нестабилноста и непредвидливоста во Македонија ќе продолжеле и во иднина поради пропаднатите преговори во Брисел меѓу лидерите на политичките партии.

На прашањето на „Нетпрес“ како го коментира фактот што еврокомесарот Јоханес Хан и известувачот Иво Вајгл суптилно го посочија Зоран Заев како единствен виновник за пропаднатите преговори во Брисел и како личност без одговорност и лидерство, Талевски одговори дека наводно не се знаело за кого точно се однесувале критиките на претставниците на ЕУ, а потоа продолжи со нападите кон Владата. Истакна и дека агендата на Заев била што побрзо да го тргне Груевски од власта, а т.н. преодна влада да имала мандат од најмалку една година.Грчкиот претставник и поранешен заменик шеф на дипломатијата Димитрис Куркулас пак, на премиерот Груевски му замерува за непопусливоста во однос на името, одговарајќи на прашањето на Нетпрес за тоа дали Грците сметаат дека СДСМ како власт би биле пофлексибилни за постигнување на решение.„Мислам дека ситуацијата доби дополнителна комплексност поради политиката на партијата на Груевски”, истакна Куркулас.

Зборувајќи за терористичкиот напад во Куманово, одговорниот уредник на приштински “Коха диторе”, Агрон Бајрами, пласираше конструкција дека тој бил организиран во соработка меѓу дел од македонската Влада и терористите.

„Инцидентот со голема веројатност беше произведен во договор меѓу дел од македонската Влада и овие луѓе. Како што кажа и Дане (Талески), целата беше пренасочување на вниманието од зголемениот притисок врз Владата во Скопје поради нивното однесување и затоа што беа соочени со протести”, изјави Бајрами.

Негов истомисленик во овој контекст е и Талески. Тој и во неодамнешната изјава за српската агенција БЕТА алудираше на тоа дека Владата го организирала и нападот на караулата во Гошинце, кој што му претходеше тој во Куманово. Ваквите бизарни конструкции досега беа демантирани од огромен број на домашни и странски медиуми, експерти и политичари, меѓу кои и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој што директно посочи дека зад обидот за дестабилизација на Македонија стои Западот во соработка со опозицијата и невладините организации во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.