Тридневен мини-кајзен мониторинг на системот Мој Термин во ГОБ „8 Септември“

Министерството за здравство од денеска воведува нова практика во рамки на проектот Кајзен мониторинг на ЈЗУ (мини-Кајзен метода), со посебен акцент на примената на националниот систем за електронски евиденции во здравството МојТермин.

Три тима информатичари кои работат на системот МојТермин, почнувајќи од денеска вршат мониторинг во ГОБ „8 Септември“, кој ќе се спроведува во период од три дена. Во рамки на мониторингот, тимовите ќе бидат фокусирани на анализирање на функционирањето на МојТермин и системот за плаќање по учинок, со цел да се утврдат можните начини за унапредување и оптимизирање на електронскиот систем за закажување прегледи.

Тридневниот мониторинг опфаќа и следење на протокот и приемот на пациенти од шалтер во амбуланта, и констатирање на евентуална потреба од отворање на дополнителен шалтер или воведување на дополнителна смена или амбуланта. Воедно, се мониторира и практиката на потсетување на пациентите за закажаните термини, како и анализа на аспектите за прилагодување и оптимизирање на софтверските решенија на установите кои се интегрирани во националниот систем МојТермин.

Посебен фокус во рамки на целиот мониторинг ќе биде ставен на почитувањето на законската измена за надоместок на патни трошоци во случај кога закажаниот термин не е реализиран, а пациентот не бил навремено информиран. Имено, според чл.39-а (ст.10 и ст.11) од измените на Законот за здравствена заштита од јуни 2013 година, доколку уредно закажаниот термин не може да се реализира од било која причина поврзана со здравствената установа, а за истото пациентот не е известен по телефон или со смс порака најмалку три часа пред закажаниот термин, патните трошоци во висина на билет за автобуски превоз ги надоместува здравствената установа во рок од еден ден врз основа на претходно поднесено барање од пациентот.

Исто така, тимовите на МојТермин го следат степенот на креирање на болнички и контролни упати, со што се намалува потребата пациентот да доаѓа кај матичниот лекар за повторно издавање на специјалистички упат за потребната контрола. За споредба, статистичките податоци од МојТермин покажуваат дека во јануари бројот на креирани контролни упати изнесувал 28.000, додека во јули изнесува 39.000. Вкупниот број на креирани контролни упати изнесува 260,432 односно 12% од вкупниот број на креирани специјалистички упати.

Во претстојниот период, тимовите на МојТермин ќе ги посетат сите јавни здравствени установи од специјалистичко-консултативна дејност, при што ќе бидат опфатени по две здравствени установи на неделно ниво, со спроведување на тридневен мониторинг во секоја здравствена установа. Согласно акцискиот план за мини-Кајзен мониторингот, до крајот на октомври ќе бидат посетени сите Универзитетски клиники, а во наредниот период ќе бидат опфатени и клиничките и општите болници во државата.