Триесет години од нуклеарната катастрофа во Чернобил

Во Украина денеска се одбележува 30-годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил, до која дојде по експлозијата на реакторот на централата.

Тешкото оштетување на реакторот предизвика ослободување на облак од радиоактивни материјали кој се рашири низ делови од Украина и Русија, а потоа и низ Белорусија и северниот дел од Европа.

Одблежувањата се започнати од претходниот ден, со комеморација во градот Славутич, изграден за да се населат работниците од НЕЦ „Чернобил“, кои по несреќата не можеа и натаму да останат и да живеат во близината на оштетената централа.

Украинскиот претседател Петро Порошенко ќе присуствува денеска на комеморацијата во близина на локацијата каде се случи катастрофата, како и на специјалната црковна служба за сите загинати, во Киев.

Некои од некогашните жители на местото Припјат, во кое живееја работниците во централата, сега првпат се вратија за да ги видат нивните некогашни домови, од кои се останати само контурите, затоа што целиот простор е целосно запуштен и обраснат со густа трева и дрвја, што израснале изминатите години.

Нивото на радијација на локалитетот Чернобил и натаму е висока.

Претставници на хуманитарни организации откриваат дека во соседна Белорусија, во реонот блиску од местото на катастрофата, се уште се раѓаат бебиња со разни деформитети, а бројот на заболените од ретки облици на канцер и понатаму е невообичаено висок.

Донатори од целиот свет вчера обезбедија дополнителни 87,5 милиони долари за за новото, подземно скровиште за нуклеарниот отпад.

Украина треба да обезбеди дополнителни десет милиони евра за завршување на работите кои почнаа во 2010 година, врз 25 илјади тони тешкиот и 2,1 милијарди евра скапиот нов саркофаг, за складирање на ураниумот, што остана во уништениот реактор.

Се проценува дека станува збор за 200 тони, а некои експерти предупредуваат дека доколку делови од остарениот реактор се урнат, одново би можело да дојде до ослободување на радиоактивен облак во атмосферата.

Триесет години подоцна се уште траат расправии околу бројот на жртвите од катастрофата.

Вкупно 30 луѓе загинаа од експлозијата и во текот на спасувачката операција за гаснење на пожарот, но во 2005 година, ОН објави дека околу четири илјади лица починале како последица на болести предизвикани од оваа досега најголема нуклеарна катастрофа во светот.