Триесет и пет години од смртта на Јосип Броз Тито

На денешен ден пред 35 години умре доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Јосип Броз Тито.

Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Тој беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни во тоа време  западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор, пренесува МИА.

Триесет и пет години по смртта на Тито се уште има спротивни мислења за неговата улога и дело. За едни тој е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешнополитички углед, а за други диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици, на внатрешен план воспоставил систем кој се покажа како неодржлив и заврши со крвав распад на државата, а економската политика ја базирал на задолжувања од странство кои и денес ги плаќаат републиките наследнички на СФРЈ.

Политичките аналитичари и историчари коментираат дека Тито ги држел југословенските републики обединети и покрај мешавината од народи, јазици и вери, Југославија имала влијание кое ја надминувало нејзината големина и оти успешно „играл“ меѓу суперсилите. За дел од нив Тито бил експерт за саморекламирање, а за други човек кој успешно ја водел СФРЈ.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград во Куќата на цвеќето. Неговиот гроб на кој нема верски ниту комунистички симболи досега го посетиле над 20 милиони луѓе.