Триесет и шест повредени во протестите во Белгија

Триесет и шест лица се повредени, а од нив дваесет и четири се во болница по вчерашните протести во Белгија. Своето незадоволство го искажале повеќе од 120 илјади учесници, 30 лица се приведени, а десетиц возила опожарени.

Трите главни синдикати ги организираа демонстрациите против намерите на федералната Влада за ограничување на трошоците во јавната сфера, за зголемување на даноците и за зголемување на возраста за пензионирање.

Синдикатите повикаа средствата што недостигаат (долгот е 100 отсто од БДП) да се побараат кај богатите.

Дополнително протестите разгореа по информациите дека богати семејства и приватни и државни фирми како Белгаком и банката Дексиа избегнувале плаќање данок со регистрирање претставништва во Луксембург. Така тие фирми плаќале во белгиската каса данок од 2,3 отсто, додека останатите плаќаат меѓу 30 и 50 отсто данок на приходи.

Премиерот Шарл Мишел, кој ја презеде должноста пред помалку од еден месец, изјави дека вратите за преговори со синдикатите се отворени, а виновниците за немирите во Брисел ќе бидат изведени пред суд.

Тој додава дека планираните владини мерки имаат цел создавање нови работни места и обезбедување стабилност на системот за социјални трошоци.

Следните големи протести се закажани за 15 декември.