Триесет милиони евра инвестирани во реконструкција на училишта

Триесет милиони евра инвестирани во реконструкција на училишта
Триесет милиони евра инвестирани во реконструкција на училишта

Премиерот Никола Груевски кој денес го посети реконструираниот објект на подрачната единица на основното училиште Дебарца во село Требеништа истакна дека за време на мандатот на оваа Влада ќе бидат реконструирани 400 училишта во земјава.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на охридскиот регион, тој појасни дека досега вкупно се реконструирани 350, во тек е реконструкција на седум, а тендерска постапка тече за уште 35 училишта. Овие училишта ќе бидат реконструирани до крајот на годината.

Во проектот за реконструкција на училиштата во земјава досега се инвестирани над 30 милиони евра, што е сериозен износ и дел од нашите ветувања. Во нашата Програма на секои избори прецизно ветуваме точно кои училишта во кој период ќе бидат реконструирани и многу внимаваме тоа да се заврши согласно ветеното, рече Груевски.

Претседателот на Владата попладнево ќе присуствува и на пуштање во употреба на реконструиран водовод во село Ботун и на поставување камен-темелник за изградба на колекторски систем, на потегот помеѓу селата Мешеишта и Волино. Според најавата, Груевски ќе присуствува и на пуштање во употреба на новоизградениот кружен тек во Охрид, на улиците „Туристичка“ и „Бистрица“.

Ристовски: Темелна реконструкција на 30 училишта

Учениците од 30 основни и средни училишта во петнаесет општини во земјава, први септември ќе го дочекаат во комплетно санирани училишни објекти. И годинава, летниот распуст ќе го обележат интензивни активности за подобрување на училишната инфраструктура.

Како што информира заменик Министерот за образование Спиро Ристовски за Канал 5, веќе во седум училишни објекти, за седум различни општини се врши воведување во работа на компанијата која што ќе треба да изврши реконструкција и санација на училишните објекти.

Околу 30-тина училишни објекти во различни општини на територијата на Република Македонија ќе бидат темелно реконструирани, рече Ристовски.

Реконструкцијата и санацијата на училиштата се одвива во рамки на проектот со Банката за развој на Советот на Европа која  за оваа намена одвои околу три милиони евра.

Досега без овие 30, реконструрани се 350 училишни објекти, со што за некаде над 140.000 ученици се подобрени инфраструктурните услови, односно се подобрени условите во училиштата, а истовремено се изградени 70 нови училишни објекти, рече заменик – министерот.

Ристовски најави дека инвестирањата ќе продолжат и во иднина зашто од деведесеттите до 2006-тата, во оваа сфера, не било направено речиси ништо.