Триесет мртви во меѓуверско насилство во Централноафриканската Република

Baz Ratner/Reuters

Стотици цивили побарале засолниште во џамија во градот Бангасу во Централноафриканската Република од постојаните напади од припадниците на христијанските милиции кои досега убиле 30 цивили, соопштија претставниците на Обединетите нации во оваа земја.

Нападите во текот на викендот во местото Бангасу, на границата со Конго, вклучувале стотини борци со тешко оружје и биле насочени против тамошните муслимани, што укажува дека повеќегодишниот меѓуверски судир во Централноафриканската Република се влошува.

Нападната е и базата на ОН, што поттикна распоредување дополнителни војници во тој град во очекување на натамошни напади. Засилувањата успеале до изминатата ноќта делумно да го обезбедат градот, рекол портпаролот на силите на ОН, Ерве Верхосел.

Командантот на силите на ОН, Парфаит Онанга-Анјанга изјави во интервју за Reuters дека неговите војници се целосно ангажирани за брзо да ја преземат контролата над Бангасу, а на прашањето за цивилните жртви тврди дека загинале до 30 лица. Многу борци се деца – војници под влијание на дроги, додава.

Претседателот на локалниот Црвен крст, пасторот Антоан М’бао Бого изјавил дека престрелките продолжиле во неделата, блокирајќи ги обидите на неговата органиација да дојде до ранетите и мртвите луѓе.

Последните месеци, милициите поттикнати од етничките и верските ривалства го зголемија насилството и покрај ветувањата дека ќе учествуваат во Владината програма за разоружување. Набљудувачите сметаат дека милициите ја користат празнината настаната откако угандските и француските војници изминатите месеци по завршувањето на нивните мисии ја напуштија земјата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази во неделата „бес“ поради нападот врз мировната мисија во којашто учествуваат 13.000 луѓе, во кои се убиени шест припадници на мировните сили во областа околу Багасу, каде што досега немаше судири.

Премиерот на Централноафриканската Република, Симплиси Сарандџи, ги осуди злосторствата и вети дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Централноафриканската Република е погодена со меѓуверско насилство од 2013 година, откако главно муслиманските поранешни бунтовнички сили Селека ја приграбија власта и го протераа тогашниот претседател Франсоас Бозизе, предизвикувајќи ја одмаздата од страна на христијанското малцинство.

Повеќе од 400.000 луѓе во оваа поранешна француска колонија во меѓувреме се раселени, а дури 2,2 милиони луѓе, или речиси половина од населението, преживува благодарејќи на помошта од меѓународните организации.