Триесетдневен притвор за 25-годишен дилер на дрога

Притвор од 30 дена доби 25-годишен скопјанец Б.А. осомничен за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, соопшти МВР.

Од крајот на минатата и во текот на оваа година тој неовластено набавил, точно неутврдена количина марихуана, која ја држел во својот дом и ја препакувал во помали пакувања наменети за продажба на други лица.

При претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени 19 најлонски пакувања со непозната растителна материја, една грутка непозната материја, дигитална вага и над 30.000 денари.

По извршеното вештачење било утврдено дека растителната материја во одземените најлонски пакувања е марихуана со вкупна тежина од 822,2 грама, додека одземената грутка била дрога хашиш со тежина од 1,35 грама.

МВР соопшти дека од 2004 до 2013 година против пријавениот Б.А. биле поднесени вкупно пет кривични пријави од кои две за  кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и по една кривична пријава за кривичните дела „затајување“, „кражба“ и „самовластие“.

Од почетокот на акцијата „Мрежа“ досега кривично се пријавени околу 150 наркодилери и запленети над 515 килограми различни видови дрога, информира МВР.