Тринаесет деца со срцеви болести оперирани од тим од американски и македонски доктори

Министерот Никола Тодоров денеска ја посети Клиниката за детска хирургија

Тим од американски и македонски доктори на Клиниката за детска хирургија извршија неонатални операции на отворено срце на 13 деца со сериозни срцеви болести.

Оперираните деца добро се чувствуваат, дел се пуштени дома, а дел лекувањето ќе го продолжат на Детската клиника. Досега се извршени 49 неонатални кардиохирушки интервенции, од кои 90 отсто се новороденчиња (од 4 до 5 месеци), а паралелно се врши и едукација на македонски доктори од Клиниката за детска хирурхија, Детската клиника и КАРИЛ.

По четврти пат во Македонија престојува американскиот тим детски кардиохирурзи од Меѓународната фондација детско срце со седиште во САД, која има мисија за развивање неонатална кардиохирургија во повеќе земји во светот, која претставува врвот во хирургијата.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Клиниката за детска хирургија, изјави дека американскиот тим кардиолози, кардиохирурзи паралелно изведуваат кардиохирушки интервенции и во исто време и ги обучуваат македонските лекари за самостојно да почнат да ги изведуваат овие методи односно воведување неонатална кардиохирургија во Република Македонија.

„Многу сум задоволен од досегашниот тек на проектот затоа што тимот наши лекари многу брзо се вклопи во целиот овој проект, нашиот тим брзо напредува и ги усвојува знаењата и се што е потребно за воспоставување неонатална кардиохирургија во Македонија. Во период од три години треба комплетно да биде осамостоен македонски тим кој ќе врши неонатални кардиохирушки интервенции. Потребата од нив се движи од 60 до 80 годишно можеби и нешто повеќе“, рече Тодоров.

Досега, посочи министерот, сите овие случаи беа испраќани за кардиохирушки интервенции во странство главно во Бугарија и за тоа имаше одлив на големи средства од Македонија.

„На пример за 2012 година за оваа намена во Бугарија во нивниот кардиохирушки центар се платени околу 500.000 евра за околу 49 случаи. Оваа година во Бугарија се испратени само оние случаи кои не беше безбедно да чекаат во периодот меѓу две доаѓања на кардиохирурзите од САД и на тој начин заштедивме многу средства. Ова е историски проект кој го подигнува нивото на здравство во Македонија, претставува една нова ера во медицината во државата“, истакна Тодоров.

Тој додаде дека дечињата кои имаат потреба од неонатална кардиохирургија и нивните родители нема да се малтретираат да патуваат во странство и е многу значајно што може да ја добијат здравствената услуга во Македонија.

Американскиот кардиохирург Марсело Кардели рече дека за овие две недели навистина направивме голем напредок во однос на мисијата за која сум дојден.

„Целта на Американската фондација е да оставиме не само пријателство, туку и луѓе кои ќе го работат тоа во иднина. Задоволен сум од тимот со кој соработувам. Ова е еден компетентен тим, кој може во иднина да го работи тоа“, додаде Кардели.

Владимир Чадиковски од Клиниката за детска хирургија рече дека имаат една успешна година-49 деца (на возраст од четири до пет месеци) се оперирани во Република Македонија.

„Се работи една тешка организационо функционална хирушка гранка. За кратко време ќе го оправдаме тоа што се бара од нас, а тоа е самостојно после три години да ги работиме овие интервенции“, рече Чадиковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за процентот на успешност на 49 неонатални кардиохирушки интервенции, рече дека морталитетот изнесува околу осум проценти.

„Главно се работеше за деца со екстремна мала телесна тежина. Во последната сесија нема ниту едно дете починато. Верувам дека тој процент на смртност ќе биде се помал и помал, но се движиме во границите на тоа што се очекува во сите соседни држави“, додаде Чадиковски.

Тимот кардиохирурзи од САД повторно во Македонија ќе дојде во февруари 2014 година. Во новиот двегодишен договор се превидени пет сесии и нема да има поголема пауза од 40 дена од нивното претходно доаѓање, со што во државата ќе бидат згрижени сите деца кои имаат потреба од неонатална кардиохирургија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.