Македонија

Трипати повеќе средства за образование во ЕУ преку Националната агенција

Трипати повеќе средства за образование во ЕУ преку Националната агенција

Новата програма на Европската Унија за едукација, обуки, млади и за спорт „Еразмус плус“ ќе почне да функционира во јануари 2014 година, а во неа полноправно ќе учествува и Македонија, преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Како потврда за успешноста на досегашните активности на оваа институција доаѓа зголемувањето на буџетот. За првата година се очекува тој да изнесува 3.5 милиони евра, односно преку „Еразмус плус“ македонските граѓани од 2014 на располагање ќе имаат трипати повеќе средства во споредба на 2013 година.

„Европската унија поддржува широк спектар на активности од областа на образованието, обуката и на младите. Едукацијата и иновациите се најважни ресурси кои ги имаме, како на национално, така и на европско ниво. Процесот на отпочнување на „Еразмус плус“ е во завршна фаза, а Националната агенција е подготвена за имплементација – вели Дарко Димитров, директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Почетокот на активностите поврзани со програмата „Еразмус плус“ беше означен со денешната конференција што се одржа во хотелот „Холидеј ин“. Освен Димитров, на собирот се обратија и Спиро Ристовски, министер за образование и наука на Македонија и Мартин Клауке, раководител на одделот за оперативни работи во делегацијата на Европската Унија во Скопје. Презентации пред присутните имаа Вјерослава Зуфова и Педро Чавез од генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија.

„Еразмус плус“ ќе почне во јануари следната и ќе трае до 2020 година. Ова ќе биде новата и носечка програма на Европската комисија фокусирана на образованието, обуката, младите и спортот. Националната агенција ќе ја имплементира на македонско ниво, а со тоа сите отворени акции ќе бидат достапни за македонските студенти, професори, наставници, ученици, младински работници и други заинтересирани лица.

„Во името на агенцијата ги поканувам сите институции кои делуваат на ова поле да се вклучат активно во програмата. Сето ова ќе придонесе кон отворање на нови перспективи што ќе бидат клучни за унапредување на македонскиот образовен систем во насока на зголемен квалитет и неговиот европски контекст,“ истакнува првиот човек на Националната агенција, Дарко Димитров.

Целта на „Еразмус плус“ е зајакнување на вештините и подготвеноста за вработување, како и модернизирањето на образованието, обуката и работата за младите. Седумгодишната програма ќе има буџет од 14.7 милијарди евра, што е зголемување од 40 отсто и ја покажува посветеноста на ЕУ во инвестирањето во овие области. Со „Еразмус плус“ на повеќе од четири милиони Европјани ќе им бидат понудени можности за учење, обучување и за здобивање работно искуство и за волотирање надвор од матичните земји.

Покрај обезбедувањето грантови за поединци, преку оваа програма ќе бидат поддржани и транснационални партерства од областите едукација, обука и млади. Намерата е да се поттикне соработка меѓу овие организации и институции и да се премостат разликите помеѓу световите на образованието и на вработувањето и на тој начин да се намали недостатокот од одредени професии во Европа. „Еразмус плус“ ќе ги поддржи и националните напори за осовременување на системите за едукација, обука и за млади.