Трката за претседателските и вонредните парламентарни избори продолжува и денеска

Политичките партии и денеска ја продолжуваат претседателската и кампањата за предвремените парламентарни избори.

Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и кандидатите за пратеници денеска ќе имаат митинг во Радовиш и Струмица, а средби со граѓани во Ново Село, Босилово и Василево.

Стево Пендаровски од СДСМ ќе одржи митинг во Прилеп и средби со граѓаните на Кривогаштани, Крушево, селата Нородол, Алдинци, Житоше, Лажани и Црнилиште. Претседателот и заменик претседателката на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска ќе ги посетат општините Конче, Радовиш, Штип и околните места.

Кандидатот за претседател на ГРОМ, Зоран Поповски, и кандидатите за пратеници ќе одржат митинг во скопски Аеродром, а претходно ќе имаат средби со граѓаните во Ченто, Автокоманда, Турска Чаршија, Топаана и во село Кадино.

Кандидатот за претседател на ДПА Илијаз Халими и кандидатите за пратеници ќе одржат митинзи во Струга и во Гостивар.  

ДУИ митинг за парламентарните избори ќе одржи во Долнени, а ќе остварат средби и со граѓаните во Крушево и Пласница.

Претседателот на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски и носителот на листата на ВМРО-НП Горан Лотески ќе остварат средба со граѓани во Гостивар и Тетово.