Тројца малолетници од Македонија силувале Италијанка

Тројца македонски државјани се обвинети дека силувале малолетна Италијанка која затруднела по чинот, па абортирала, јавуваат италијанските медиуми. Судот за малолетници во градот Лаквила, во централна Италија, деновиве поднесе обвинение против тројцата нашинци, кои се товарат за сексуално насилство, објави Дневник.

Почетокот на судењето е закажано за јануари идната година. Со оглед на фактот дека станува збор за малолетници, судските и истражните органи не го откриваат идентитетот на македонските државјани ниту, пак, од кое место од Македонија тие потекнуваат. Само се наведува дека се државјани на Македонија.

Според медиумите, сексуалното насилство се случило пред три години во близина на подземна автобуска станица во Лаквила.

Кобната вечер момчињата ја пресретнале девојката и еден од нив сосила ја однел покрај контејнерите во близина и ја силувал. Другите двајца обвинети не ја силувале, но и тие се обвинети за сексуално насилство бидејќи му помогнале на силувачот и не го спречиле во насилството.

Малолетничката веднаш го пријавила силувањето, по кое останала бремена, но подоцна го абортирала плодот. Таа сега е полнолетна.