Тројца нигериски студенти на Инфективна поради симптоми на ебола

Надлежните здравствени служби на аеродоромот „Александар Велики“ во Скопје пред два дена поради констатирана зголемена температура и симптоми кои асоцираат на заразната болест ебола ставиле во карантин две лица од Нигерија кои како што објави порталот Охрид1 се студенти на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле “ во Охрид.

Со нив од Нигерија допатувал уште еден колега – студент кај кого при прегледот не била констатирана температура или некој друг симптом и бил пуштен во Охрид. 

Но, како што дознава „Охрид 1“, и тој  денеска  поради контактите  со нив итно е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје.

Од Министерството за здравство смируваат.

„Имајќи предвид дека групата од 8 лица допатувала од Нигерија, која претставува ризично подрачје на лица заболени од ебола, кај сите 8 лица, откако се пристигнати во Република Македонија, согласно Протоколите се врши редовен здравствен надзор во тек на 21 ден (колку што изнесува периодот на инкубација), од страна на епидемиолог од подрачниот Центар за јавно здравје.

При вршењето на редовниот здравствен надзор, кај 1 лице од групата, кое престојува во Охрид, во текот на денешниот ден е констатирана покачена телесна температура (над 38 степени). Согласно Протоколите и поради претпазливост, имајќи ја предвид земјата од која доаѓа, лицето ќе биде ставено во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Ова лице не покажува други потенцијални симптоми на вирусот ебола и не треба да се создава непотребна паника во целиот случај. Станува збор за стандардна процедура, која е идентична како кај претходно споменатите 2 лица, кои по утврденото нормално ниво на телесна температура по неколку последователни мерења, беа пуштени да отпатуваат до крајната дестинација“ – стои во соопштението од МЗ