Тројца разбојници ограбувале пошти со украдени возила

Полицијата приведе три лица што краделе возила и ограбиле две експозитури на „Македонска пошта“ во Кисела Вода и во Маџари. Разбојниците ги извршиле делата во периодот мај-јуни годинава и се стекнале со противправна имотна корист од 110 илјади денари, а причиниле материјална штета од 57 илјади денари.

За крадење моторно возило и тешка кражба осомничени се Д.Ј. (30), Б.Ш. (24) и Ш.Д. (46). На првите двајца им е определена мерка притвор во траење од осум дена, додека на третиот му е одземен пасошот.

Првото кривично дело на крајот од мај годинава го извршил Д.Ј., кој откако украл „фиат уно“ на улицата „Сава Ковачевиќ“, на истата улица го извршил и другото кривично дело – тешка кражба во експозитурата на АД „Македонска пошта“.

На почетокот на јуни годинава Д.Ј., Б.Ш. и Ш.Д. го повториле истото. Прво на булеварот АСНОМ на паркинг-просторот, украле „фиат фиорино“ (пикап), а потоа се упатиле кон населбата Маџари, каде што го извршиле друго кривично дело – тешка кражба во пошта лоцирана на улицата „Благоја Стефковски“ бб. Иако не успеале да ја откорнат металната заштитна решетка на влезната врата од поштата, тоа им успеало со металната заштитна решетка на еден од прозорците, па влегле во експозитурата.

Меѓутоа, додека се движеле кон централното градско подрачје биле пресретнати од полициска патрола која извршувала редовни полициски задачи. Д.Ј., кој го управувал возилото, ја зголемил брзината на возилото и нагло го сменил правецот на движење со тоа што го свртил возилото по улица која водела кон Железничката станица, а кога стигнале во близина на пругата, сите тројца излегле од возилото и се оддалечиле во непознат правец, оставајќи ги возилото и украдените предмети во него.

Инаку, Д.Ј., Б.Ш. и Ш.Д. се познати сторители на кривични дела, односно против Д.Ј. се поднесени две кривични пријави за две кривични дела – тешка кражба, против Б.Ш. се поднесени четири кривични пријави за сторени шест кривични дела и тоа четири кривични дела разбојништво и по едно кривично дело тешка телесна повреда и тешка кражба, и против Ш.Д. е поднесена една кривична пријава за сторено кривично дело помагање на кривично дело убиство во обид.

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.