Тројца загинати, над 50 повредени во втор напад утринава во Турција

Најмалку три лица загинаа и над 50 се повредени во подметната експлозија пред полициска станица во источниот турски округ Елазиг, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Сведоци соопштуваат дека експлозијата, за која се претпоставува дека е предизвикана од автомобил-бомба, одекнала близу полициската станица, само неколку часа откако сличен напад беше изведен во провинцијата Ван, близу иранската граница.

Си-Ен-Ен Турк посочува дека зградата во која се наоѓала полициската станица се урнала и оти областа наликува на воено поле.

Кон местото на нападот се упатуваат голем број полициски и возила на итна медицинска помош.

Локалните власти веруваат дека зад нападот стојат курдски вооружени групи, но засега никој не ја презеде одговорноста.

Неколку часа претходно, три лица загинаа, а над 40 беа ранети во експлозија на автомобил бомба крај полициска станица во источната турска провинција Ван, на самата  граница со Иран. Станицата се користи и како полициска касарна. Засега не е познато колку полицајци и цивили има меѓу загинатите и ранетите.

Премиерот Бинали Јилдерим во живо на телевизијата изјави дека имало напад врз полициска станица во Ван, но не даде повеќе детали за инцидентот.

Се  уште никој не ја презеде одговорноста за овој терористички напад, но курдските екстремисти често пати напаѓаат полициски станици и други објекти на безбедносните сили со автомобили бомби, посочуваат британските меидуми.

Југоисточниот дел на Турција, населен главно со  Курди, е зафатен од бран насилство,откако во јули минатата година се распадна спогодбата за прекин на огнот, што беше склучена пред 2,5 години од страна на турските власти и забранетата Курдска работничка партија (ПКК).