Тројцата загинати во Белгија се џихадисти од арапско потекло

Три лица се убиени во антитерористичка операција во белгискиот град Вервие, југоисточно од Брисел, преземена вечерва во близина на границите со Германија и Холандија, јави БТА, пренесе МИА.

Убиените се тројца џихадисти од арапско потекло. Пред една седмица тие се вратиле од фронтот во Сирија, каде се бореле на страната на Исламска држава. Во операцијата има и повредени, но нема загинати меѓу полицајците.

Очевидци изјавуваат за престрелка, која траела десетина минути со автоматско оружје, како и за експлозии. Според полицијата, тројцата џихадисти биле подготвени да нанесат удар во Европа, што се докажува од нивните телефонски разговори, кои биле прислушувани, а се наведува и оти биле поврзани со еден од напаѓачите во Париз.

Во тек е антитерористичка операција во цела Белгија.

Двајца белгиски џихадисти, кои се уште се во Сирија, денеска на Интернет објавија од името на ИД закани за напади во Белгија, Германија, Велика Британија и други европски држави.

Локалните власти во Брисел соопштија дека вечерва во белгиската престолнина се вршат претреси на повеќе места во градот, насочени против џихадисти.

Претходно, движењето на метрото во Брисел по две од четирите линии во градот било запрено за кратко вечерва, откако маж мавтал со огнено оружје и извикувал „Алах е голем“. Откако добила сигнал, полицијата почнала потрага по мажот, но тој успеал да избега.

Вервие, Брисел и Антверпен се главните места, од каде потекнуваат белгиските џихадисти.

Неколку стотици џихадисти со белгиски пасоши заминаа во последните две години на фронтот во Сирија и Ирак, каде се борат на страната на ИД. Белгија е една од државите кои учествуваат во меѓународната коалиција, која нанесува удари врз ИД.

фото: irishtimes.com